Alma Dekovic
21 Јули 2022•Ажурирај: 23 Јули 2022
САРАЕВО (АА) - На денешен ден пред 14 години во Србија е уапсен воениот лидер на босанските Срби и тогаш најбараниот бегалец во Европа, воениот злосторник Радован Караџиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поранешниот претседател на Република Српска, претседателот на Српската демократска партија (СДС) и поранешен врховен командант на војската на Република Српска, по 13 години бегство и криење е уапсен со акција на српските служби за безбедност.
Седад Дедиќ, професор по Уставно право на Правниот факултет во Зеница, смета дека фактот што Караџиќ 13 години по агресијата на Босна и Херцеговина се криел под лажното име Драган Дабиќ во Република Србија е „само уште еден од доказите за улогата на официјалните институции на Србија во агресијата на БиХ и во геноцидот и другите злосторства во БиХ“.
„Злосторствата за кои е одговорен Караџиќ не застаруваат. На прашањето дали е многу доцна или навреме уапсен, можеме да побараме одговор во однос на официјалните институции на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска и официјалните институции на Република Србија кон осудените воени злосторници, кон осудените злосторства и идеологијата на омраза и митологијата која претходела и подготвувала злосторници и злосторства“, рече Дедиќ во разговорот со АА.
Како што истакна, идеологијата на омраза и митологијата која претходеше и подготвуваше злосторници и злосторства како осудениот воен злосторник Радован Караџиќ е „следење на еден антицивилизациски системски организиран и детално разработен и денеска осуден злосторнички план и идеи, со поддршка на институциите за нелегално дејствување на подрачјето на Република БиХ и со пасивна и активна поддршка на институциите од Србија, кои завршија со најтешкиот облик на злосторство - геноцид и мноштво други страшни и осудени злосторства“.
„Но она што е важно е дека таа злосторничка идеологија моментално доживеа тежок пораз на воен, политички и секаков друг план. Она што е сериозен проблем и аларм е фактот дека злосторничките идеи и понатаму живеат и дека се слават низ нехумани и за цивилизираното општество поразителни активности на законодавните и извршните власти во ентитетот Република Српска, како што се: доделување ордени на воените злосторници, именување јавни установи и институции по нив, славење и јавно величење на нивниот лик и дело, непризнавање меѓународни пресуди за геноцид што претставува исмејување на цивилизациските вредности, не само на босанско-херцеговското општество туку општо на човековата заедница“, рече Дедиќ.
Смета дека со казната кон Радован Караџиќ човековата цивилизација настојувала „да го спаси делот на својата човечност и морал бидејќи злосторствата се спроведени и со знаење и дозвола на меѓународната заедница“.
Верува дека пресудите кон воените злосторници одговорни за геноцидот можат и треба да бидат идниот темел и правно охрабрување за воспоставување соодветни институции за спречување на геноцидот во светот.
„Правдата ќе биде делумно задоволена кога идеологијата на злото ќе престане да се слави и промовира. Правдата ќе биде делумно задоволена кога официјалните институции на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, во чие име се спроведувал геноцидот и кога официјалните институции на Република Српска со чија пасивна и активна поддршка се спроведувал геноцидот, конечно јавно ќе ги признаат меѓународните пресуди за геноцид и други злосторства, кога ќе ги осудат и ќе се оддалечат од виновниците на геноцидот и од сите други злосторства кои се јасно утврдени со домашни и меѓународни пресуди“, рече Дедиќ.
Судењето на Караџиќ почна во 2009 година, а со првостепена пресуда во март 2016 година, осуден е на 40 години затвор.
Судиите го прогласија Караџиќ за виновен за геноцид на подрачјето на Сребреница во 1995 година, прогон и убиства на Бошњаци и Хрвати низ Босна и Херцеговина, тероризирање на населението на Сараево со гранатирање и снајперски оган и земање припадници на меѓународните мировни сили за заложници.
Караџиќ во 2019 година пред Меѓународниот механизам за кривични судови (ММКС) е правосилно осуден на доживотна казна затвор која ја отслужува во Велика Британија.