Husameddin Gina
20 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Западен Балкан, како регион кој повеќепати во минатото беше зафатен во периоди на војни и конфликти, претставува едно критично подрачје од аспект на контролата на нелегалното оружје, рече денеска Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Република Македонија, на конференцијата на тема „Разговараме и дејствуваме на патот кон Европската Унија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Оливер Спасовски, во обраќањето на конференцијата во организација на „Прогрес Институт за социјална демократија“ и фондацијата „Калеви Сорса“ од Финска, истакна дека една од заканите со кои земјата постојано се соочува е недозволената трговија со оружје.
„Една од заканите со кои постојано се соочуваме е недозволената трговија со оружје. Мерките насочени против овој криминал се адресирани во Националната стратегија и Акцискиот план за контрола на мало и лесно оружје за периодот 2017 - 2021. Стратегијата е подготвена во корелација со најновите политики и сугестии на ЕУ и на останатите партнери од областа“, нагласи Спасовски.
Каиса Емилија Пени, директорката на фондацијата „Калеви Сорса“ од Финска, истакна дека за спроведување на реформите во земјата е потребно силно граѓанско општество, силни актери и силни капацитети на граѓанско општество.
Таа потсети дека на почетокот на јули наредната година Финска ќе претседава со Советот на ЕУ. Според Пени, тоа создава одлична можност за мала нордиска земја да влијае и да има улога во иднината на ЕУ.