САРАЕВО (АА) - Дејвид Петигру, професор по филозофија и студии за холокаустот и геноцидот на Државниот универзитет „Јужен Конектикат“ во Соединетите Американски Држави (САД), порача дека е потребно да се насочат силите кон спречување на Милорад Додик во остварувањето на геноцидните цели во босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС), што почнаа во 1992 година, бидејќи, како што рече, тоа моментално претставува најголема закана за мирот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Петигру беше воведен говорник на сесијата „Круг 99“ организирана во онлајн формат денес, на тема „Одговорноста на меѓународните заедници во спречување на РС во остварувањето на геноцидните цели“.
Според него, коментаторите во последно време зборуваат дека кризата е забрзана со изменувањето и дополнувањето на Кривичниот закон на БиХ, што го донесе високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, но дека Милорад Додик работи на дестабилизација на БиХ веќе една декада. Тој истакна дека законот против негирањето на геноцидот и величањето на воените злосторници било нужна одлука за да се потврди владеењето на правото во БиХ.
Тој смета дека Додик реагирал така бидејќи во изминатата деценија делувал неказниво, а законот ја доведува во прашање неказнивоста на негирањето.
„Меѓутоа, ова негирање на геноцидот за кое високиот претставник зборува и што настојуваше да го реши не се случува прв пат, тоа е дури последна фаза на она што изгледа како трајна, постојана појава“, рече тој.
Петигру смета дека меѓународната заедница игнорирала дека во војната од 1992 година до 1995 година БиХ е жртва на меѓународна агресија и геноцид претпоставувајќи дека е во прашање граѓанска војна или дека се во прашање древни омрази.
„Медиумите често говореа за геноцидот како етничко чистење, како што тоа е објавено и во Резолуцијата 819 на Советот на Обединетите нации (ОН). Тој неуспех, пропуст да се признае геноцидот, на некој начин доведе до понатамошни злодела и ја спречи меѓународната заедница да интервенира“, рече тој.
Истакна дека заштитените зони на ОН немале доволно ресурси, од самиот почеток биле компромитирани и во пресрет на геноцидот во Сребреница на некој начин се изневерени кога на персоналот на ОН му било кажано да ги стави сопствените животи пред својата мисија.
„Тоа двоумење да се признае дека геноцидот е извршен и да се нарече со вистинското име и покрај бруталните напади врз цивилите во БиХ што се случуваа од април 1992 година може да се смета само како еден вид негирање на геноцидот кој се манифестираше во неуспехот на мисијата на ОН во Сребреница и БиХ во целина“, рече Петигру.
Тој додаде дека со бројни пресуди е потврдено дека Република Српска била еден елиминационистички или геноциден проект од самиот почеток во настојувањето да се создаде „голема Србија“ што сега е преименуван во „српски свет“ бидејќи се настојувало несрпското население трајно да се отстрани од територијата на босанските Срби.
„Како што знаеме, по овие криминални активности и делувања, РС е препознаена и признаена со Дејтонскиот мировен договор и токму тоа признание на РС беше награда за успешниот геноцид и претставува уште една фаза на негирањето, бидејќи на тој начин е легитимизирана од самиот почеток целта на РС“, истакна тој.
Додаде дека оттогаш Република Српска (РС) продолжува да им оневозможува на оние што се присилно раселени да се вратат во своите куќи и заедници.
„Европската Унија, Обединетото Кралство и САД треба да признаат и да препознаат дека РС е основана со извршување на геноцидот и дека продолжува со своите напори за етничка хомогеност уште од 1995 година“, нагласи тој.
Ако во целост би се разбрала таа намера на Република Српска, тогаш моменталните закани за сецесија на Милорад Додик и заканите дека ќе формира сопствена војска би се сметале исклучиво како намера да ги исполни своите геноцидни цели, а сега со руска поддршка, Петигру рече дека меѓународната заедница не би требало да продолжи со ова негирање и дека треба да делува во тој правец.
„Имајќи ја предвид оваа ситуација, аналитичарите од ЕУ сметаат дека би требало да се засили ЕУФОР, како и НАТО да направи итни планови за вонредни ситуации. Овие чекори би требало да ги следи комбинација на насочени санкции против оние чие делување и реторика му се закануваат на мирот и тоа би требало да биде следено со отстранување и промена на тие лица од политиката, ако е потребно тоа“, рече тој.
Петигру објасни дека со подоцнежната стабилизација на ситуацијата, акцентот би можел да се стави на владеењето на законот како стратегија за трајниот отпор на негирањето на геноцидот и како услов за изградба на демократско општество и држава.
„Во рамките на враќањето на владеењето на правото, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ би требало да користи „Бонски овластувања“ за да се воспостави заштита на националните спомен-места на подрачјата на поранешните концентрациони логори како што се „Барутниот магацин“ и „Омарска“, како и местата каде се извршени ѕверства како што се Фоча и Вишеград“, рече тој.
Додаде дека освен тоа, правдата бара да се тргне муралот и спомен-плочата на Ратко Младиќ.
„Потребна е уставна реформа за БиХ да се трансформира од држава со конститутивни народи која е наметната со Дејтонскиот договор во цивилно општество каде граѓаните имаат еднакви права и достоинство“, додаде Петигру.
Нагласи дека е исклучително важно меѓународната заедница да го исполни своето ветување така што ќе ја спречи Република Српска да ги исполни своите геноцидни цели еднаш засекогаш.