Admir Fazlagic
02 Август 2020•Ажурирај: 03 Август 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски се обрати на свеченоста во Пелинце по повод одбележувањето на државникот празник 2 Август - Илинден, при што истакна дека „битката на оваа генерација е да обезбеди достоинствен живот за секој граѓанин во својата татковина, а не надвор од неа", пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа", рече Пендаровски во обраќањето.
Тој додаде дека овој 2 Август се прославува во посебни услови поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19).
„Целиот свет е зафатен од пандемијата на корона вирусот. Оваа несреќа, освен што донесе страдање на милиони луѓе, се заканува целосно да го промени нашиот начин на живот. Слободата на движење како цивилизациска придобивка денес е потешко остварлива дури и од времето пред почетоците на масовните патувања", истакна Пендаовски.
Според него, здравствената криза која одамна премина во економска, политичка и морална криза во светот ќе биде со нас уште многу месеци и сериозно ќе го лимитира нашиот развој и аспирациите за подобар живот.
„Затоа ќе мора како држава што побрзо да најдеме начин како да ја обезбедиме социјалната правда и да ја поттикнеме економската активност и развој без да влеземе во вртлогот на финансиско задолжување и неконтролирано зголемување на јавниот долг", рече Пендаеовски.
Како што рече тој, во изминатите месеци, и покрај пандемијата, Северна Македонија реализираше една од своите две најважни стратешки цели, а тоа е членството во НАТО.
„После долги години тешкотии и блокади низ кои бевме принудени да поминуваме, оваа година, станавме 30-та членка на најмоќната воено-политичка организација составена од демократски и просперитетни држави. Станува збор за процес со долгорочни историски консеквенци насочен кон зацврствување на нашата државност, на нашата меѓународна позиција и не помалку важно, на нашата внатрешна кохезија", истакна Пендаровски.
Потсети дека во март месец оваа година, Европскиот совет, донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во Европската Унија, 15 години по добивањето на кандидатскиот статус.
„Но, оваа одлука е само почеток на еден долг процес во кој ќе треба фундаментално да се трансформираме и конечно да се оддалечиме од лошите политички практики. Новата методологија за преговорите овозможува побрза интеграција, но само за државите кои имаат волја да прават вистински, а не козметички реформи", рече Пендаровски и додаде: „На сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот."
Во говорот, Пендаровски се осврна на актуелната политичка состојба во земјата и на неодамна одржаните предвремени парламентарни избори на 15 јули.
„Во таа насока, сега кога парламентарните избори се завршени, очекувам што е можно побрзо да се конституира новото Собрание и новата влада. Следната влада ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите сто дена. Актуелните трендови со вирусот нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми секогаш носат нестабилност и граѓанско незадоволство.", рече Пендаровски.
Според Пендаровски „новата влада ќе има и една друга, комплексна задача, особено после ваква изборната кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните."
Како што рече тој, „секоја генерација има своја битка која мора да ја извојува ако сака да остави нешто вредно зад себе."
„Нашата битка е да обезбедиме достоинствен живот за секој наш граѓанин во својата татковина, а не надвор од неа. За тоа да го постигнеме, мора да има правда и слобода за секого", порача Пендаровски.