Admir Fazlagic
05 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, изјави дека ги поздравува напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес за членство во Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни рабори на Северна Македонија преку соопштение ја објави изјавата на министерот Димитров во врска со новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ.
„Ги поздравуваме напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес. Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамичност, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес“, изјави Димитров.
„Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за оние кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање на здрава реформска конкуренција во нашиот регион“, истакна Димитров.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, денеска ја презентира новата преговарачка методологија за земјите кандидати во Брисел. Вархеи рече дека преговорите на западнобалканските земји ќе бидат градени врз темелите на доверба, јакнење на политичките односи, динамичност и предвидливост.
Комисијата сака да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија пред почетокот на Самитот за Западен Балкан кој на 6 и 7 мај ќе се одржи во Загреб.