Husamedin Gina
17 Декември 2020•Ажурирај: 20 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција ги презентира реализираните активности на Министерството во периодот од 100 дена на Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Спасовски, истакнувајќи дека во изминатиот период борбата за спречување на ширењето на пандемијата со коронавирусот (Ковид-19) била приоритет на Министерството, рече дека кризата претставувала дополнителен мотив за да работат двојно повеќе.
„Започнавме со ревносно спроведување на протоколите за заштита од коронавирусот што резултира со 70 проценти повеќе санкции за само три месеци, за разлика од претходниот период“, рече министерот Спасовски.
Во насока на надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот, како што рече министерот Спасовски, во изминатиот период МВР поднело над 250 кривични пријави за непочитување на изолацијата и самоизолацијата.
Нагласувајќи дека се извршени 37.000 контроли во угостителските и во други објекти, Спасовски рече дека посветеноста за создавање безбедни средини за граѓаните е пресликана и во сообраќајот.
„Како резултат на ова, минатиот месец го завршивме со намален број на сообраќајни незгоди за 21 процент. Бројот на незгоди со тешки телесни повреди се намали за 47 проценти. А бројот на жртви за 36 проценти, за разлика од ноември 2019 година“, нагласи министерот Спасовски.
Спасовски наведе дека безбедноста на граѓаните барала бескомпромисна борба со криминалот и дека од средината на септември воспоставена е оперативна акција низ целото подрачје на државата за сузбивање на недозволената трговија со дрога.
„Тоа вроди со плод, па во периодот септември- ноември 2020 година месечниот просек на откривачката функција го зголемивме за 48 проценти. Запленивме над 400 килограми разновидна наркотичка дрога“, рече Спасовски, додавајќи дека се спречени три меѓународни транспорти на дрога.
Спасовски, на прес-конференцијата исто така рече дека одговорно тврди дека и во наредниот период ќе се посветат на градење на европски стандарди во полицијата согласно владините стремежи Европа да ја донесеме дома.
На новинарско прашање за издавањето викендички за време на празниците, министерот Спасовски истакна дека издавање викендички на групи луѓе е кривично дело и дека полицијата изготвила планови за контроли.
Спасовски, во однос на тоа колку луѓе во земјата немаат државјанство, рече дека имаат одредени проценки во однос на бројот на лица коишто немаат државјанство, но, кога ќе се подготват комплетно во делот на правната регулатива, тогаш во детали ќе образложат како и на кој начин ќе се измени Законот и кои се тие нови моменти кои ќе овозможат добивање државјанство.