Samir Kajoševic
11 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
ПОДГОРИЦА (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу ја започна посетата на Црна Гора со средба со поглаварот на Исламската заедница на Црна Гора, реис-ул-улема Рифат ефенди Фејзиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Освен Фејзиќ, шефот на турската дипломатија во Миљеш го дочекаа и претставниците на Албанците и Бошњаците како и турските алумнисти и инвеститори.
Чавушоглу истакна дека Турција е пријателска земја на Црна Гора и ги пренесе поздравите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој рече дека Турција ја поставила целта до 2023 година да биде десетта економска сила во светот и трета во Европа.
„Како до денес ги постигнувавме нашите цели така ќе ги постигнуваме и во иднина. Нашата сила не е насочена против било кого. Како ние јакнеме така им помагаме на луѓето кои се во тешка ситуација", рече Чавушоглу.
Тој им се заблагодари на граѓаните на Црна Гора што не го поддржаа пучот против турскиот претседател. Истакна и дека Турција под водство на Ердоган се изборила со тешкотиите однатре и однадвор.
„Бевме соочени со предавничкиот обид за пуч и победивме со нашиот народ. И сега со нив се бориме и сакам да ви се заблагодарам што не дадовте можност тие предавници да најдат свое засолниште во Црна Гора. Продолжете да бидете внимателни", рече Чавушоглу.
Чавушоглу рече дека двете држави имаат добра соработка во сите области и порача дека Турција ќе го поддржи членството на Црна Гора во ЕУ како што тоа го направила за време на зачленувањето во НАТО.
„Оние кои живеат надвор од Турција на најдобар начин да ѝ бидат на услуга на дравата и ги поддржуваме што повеќе да инвестираат во Црна Гора. Бараме од бизнисмените да ја поддржат стопанската платформа на нашата амбасада во Црна Гора. Горди сме на успехот на нашите стопанственици", рече Чавушоглу.
Тој рече дека двете држави треба да соработуваат во областа на туризмот, технологијата, воената индустрија и трговската размена.
„Секој граѓанин на Црна Гора има некаква врска со Турција. Со оглед на тоа, мирот и спокојството во Црна Гора се како и нашиот мир и спокојство", рече Чавушоглу.
На прашањето на еден од учесниците на собирот кога турскиот претседател ќе ја посети Црна Гора, Чавушоглу рече дека тој би требало да ја посети Црна Гора во наредните шест месеци.
„Минатата година сакав да дојдам и три пати морав да се откажам. Се надевам дека и претседателот ќе дојде во Црна Гора", рече Чавушоглу.
Тој потсети на загинувањето на петмината турски војници во нападот на сириските режимски сили и им се заблагодари на граѓаните на Црна Гора на поддршката за Турција.
„Во рамките на границите ќе направиме се за да од корен го искорениме тероризмот", истакна Чавушоглу.
Поглаварот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат ефенди Фејзиќ, рече дека Турција е важна за сите муслимани во Црна Гора но дека се добри и односите на двете земји. Тој изрази сочувство поради загинувањето на петмината турски војници во нападот на сириските режимски сили во Идлиб.
„Турција е близу уништувањето на тероризмот на границите и работи на тоа да го исчисти тероризмот околу границите. Им посакуваме секое добро", рече Фејзиќ.
Во рамките на посетата, Чавушоглу пред состанокот ја посети Низамската џамија во Општина Тузи, чија реконструкција во 2010 година ја заврши Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА).
Првиот ден од посетата на Црна Гора, Чавушоглу го заврши со вечера со претставниците на турската бизнис заедница која има компании во Црна Гора.