Ivana Ramadanova
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Програмата за развој на ОН (УНДП), Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Меѓународната организација за труд (МОТ), денеска во Скопје се одржа конференција на темата „Неплатена работа, родова нееднаквост и ветувањето на економијата за грижа и нега“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, целта на оваа конференција е размена на искуства и практики меѓу меѓународните и националните експерти, како и поттикнување на дебатата во земјите на Западен Балкан за постоечките развојни предизвици, информираат организаторите.
На конференцијата, свое обраќање имаше и премиерот Зоран Заев, кој истакна дека Македонија е социјална држава во којашто мажите и жените треба да бидат рамноправно платени и трудот да биде соодветно вреднуван.
„Сакам да ви најавам дека новата Влада оваа реалност почнува да ја менува. Нема да биде брзо и нема да биде лесно. Но ако работиме заедно и ако работиме посветено на овој проблем, ќе добиеме резултати. Тоа е поголема вклученост на жените на пазарот на трудот. Споделени обврски меѓу мажите и жените дома. Згрижени деца и згрижени немоќни родители и членови на семејството. Тоа ќе го постигнеме со тоа што државата ќе биде партнер на семејствата. Државата ќе биде социјален партнер на семејствата на коишто тоа им е потребно. Владата ќе работи на подигнување на свеста дека и жените и мажите подеднакво се одговорни за домашните активности и грижата за децата. Поделбата на оваа таканаречена неплатена работа е првиот чекор кон воспоставувањето родова еднаквост“, истакна Заев.
На дводневната конференцијата се обрати и постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Лујза Витон според која анализите на економистите покажале дека жените не се присутни на пазарот на трудот затоа што неплатената работа најмногу отпаѓа на жените, истакнувајќи дека жените работат неплатено во домаќинствата трипати повеќе во однос на мажите.
„Предизвиците со коишто се соочуваме се високи стапки на невработеност и на двата пола. Има голема разлика од 12 проценти во работната сила меѓу мажите и жените, а само 43 проценти од жените се активни на пазарот на трудот. Исто така, се соочуваме со голема разлика меѓу платите на мажите и жените бидејќи жените заработуваат 18 до 19 проценти помалку од мажите за истата работа. Многу од професиите се поделени меѓу мажите и жените“, рече Винтон.