политика, Балкан

Мицкоски: Нашата иднина е во ЕУ, интеграцијата на Западен Балкан ќе значи обединување на Европа

Премиерот Мицкоски имаше свое обраќање на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел

Elena Trenchevska Chekovic  | 04.11.2025 - Обновена : 05.11.2025
 Мицкоски: Нашата иднина е во ЕУ, интеграцијата на Западен Балкан ќе значи обединување на Европа

СКОПЈЕ (АА) - Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) значи додадена вредност за ЕУ, порача денес претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.

Мицкоси имаше свое обраќање на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел.

Тој истакна дека повеќе од две децении по поднесувањето на апликацијата за членство во Европската Унија, Северна Македонија сè уште се наоѓа на истото место како и пред 25 години, посочувајќи дека земјата е жртва на „вештачки спорови“.

„Апликацијата ја поднесовме во март 2004 година, а земја кандидат станавме во во 2005, заедно со Хрватска. За жал, денес сме на истото место на коешто бевме пред речиси 25 години, поради одредени вештачки причини“, изјави премиерот.

Тој потсети дека државата поминала низ сериозни компромиси – од Преспанскиот договор и промената на уставното име до прифаќањето на многубројни препораки на Европската комисија, како и повторно соочување со нова пречка – измена на Уставот.

Додаде дека и покрај „понижувањата, разочарувањата и фрустрациите“, граѓаните на Северна Македонија остануваат посветени на европските вредности. „Веруваме дека нашата иднина е во Европската Унија. Ние сме дел од европскиот континент и веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан претставува додадена вредност за самата ЕУ, а тоа значи реунификација на европскиот континент“, порача тој, додавајќи дека „иднината на мојата земја и иднината мојата нација е во рамките на ЕУ.“

Тој упати критики за механизмот на едногласност во Европската Унија, кој овозможува поединечни земји членки да блокираат цели процеси поради билатерални прашања, истакнувајќи дека ако еднаш се прифати некој да може да го уценува другиот со вето, тогаш тој принцип ќе ги уништи вредностите врз кои е изградена Унијата.

И покрај „долгогодишните разочарувања“, премиерот нагласи дека поддршката за членство во ЕУ во Северна Македонија останува меѓу највисоките во регионот.

Тој порача дека земјата ќе продолжи да го исполнува својот дел од обврските посочувајќи дека тоа е судбината на малите земји:

„Големите прават што можат, малите што мораат. Ние сме мала држава, но ќе ја завршиме домашната задача. Ќе создадеме услови младите да се вратат, да испорачаме домашна работа која ќе ја импресионира ЕУ, нешто со што ќе покажеме дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.