Чавушоглу: „Сојузникот на НАТО, Франција, вложува напори да го зголеми присуството на Русија во Либија“
„Пред сѐ треба да бидат искрени, транспарентни, а после да ја критикуваат Турција. И самиот Макрон виде дека ваквите напади врз Турција не му беа од корист во внатрешната политика...“

АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека НАТО ја гледа Русија како закана, а сојузникот на НАТО, Франција, вложува напори да го зголеми присуството на Русија во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу денеска се состана со унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, а по средбата, министрите одржаа заедничка прес-конференција.
Одговарајќи на прашањето за изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, за Турција, во контекст на Либија, Чавушоглу рече дека Турција во Либија соработува со либиската Влада, која е единствениот легитимен орган.
„Целиот свет знае и повеќето европски земји признаа дека благодарение на нашата соработка е спречена ескалацијата на уличните судири во Триполи“, изјави Чавушоглу.
Нагласувајќи дека нестабилноста во Либија има големо влијание врз Европа, Чавушоглу рече: „Едно од тоа се илегалните мигранти. Вистинска средина за терористи. Дури и припадниците на ДЕАШ од Сирија заминаа таму. Од југ, стигна терористичката организација Боко Харам и другите терористички организации, Ас-Шабаб и така натаму. Вистинска средина што ја бараат терористите. Затоа стабилноста на Либија е значајна.“
Чавушоглу рече дека Франција во Либија поддржува пучист.
„Поддржува личност пират. Некогаш го поддржува Хафтар. Некогаш ја поддржува одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).“
Турскиот министер наведе дека сите односи на Турција се транспарентни во рамките на сите договори.
„Добро, дали Франција постапува чесно? Не. Кога ќе ги прашате, велат дека не го поддржуваат Хафтар и дека не му даваат оружје. Но сите факти, извештаи, се познати. Парите ги дава Абу Даби, но и Франција“, посочи Чавушоглу и праша: „Кој е поопасен? Чие присуство таму е поризично? - Се разбира дека на Франција.“
- „НАТО ја гледа Русија како закана, но...“
Турскиот министер за надворешни работи истакна дека има дебата и во рамките на НАТО.
„Од една страна НАТО ја гледа Русија како закана, но сојузникот во НАТО, Франција, вложува напори да го зголеми присуството на Русија во Либија. Ние сега сме на различни страни со Русија, но работиме за прекин на огнот. Не работиме за да ја влошиме ситуацијата таму. Заедно работиме на тоа дали е можен нов договор за прекин на огнот. Исто како што направивме во Сирија. Понекогаш е предност да се биде на различни страни. Но, Макрон и Франција, којашто ја управува или пак, не може да ја управува, со колонијалистичкото сфаќање, во Либија ги гледа своите интереси и амбиции. Исто како во минатото кога ја дестабилизира Африка и кога во 2011 година ја бомбардираше Либија и се повлече.“
Чавушоглу нагласи дека сега всушност треба да се критикува ставот и политиката на Макрон.
„Пред сѐ треба да бидат искрени, транспарентни, а после да ја критикуваат Турција. И самиот Макрон виде дека ваквите напади врз Турција не му беа од корист во внатрешната политика. Се надевам дека извлече лекција од ова.“