Турција

Турција го нарече нападот на Израел врз флотилата за Газа „терористички чин“

„Се преземаат сите потребни чекори за да се обезбеди итно ослободување на нашите граѓани и другите патници приведени од израелските сили“

Esra Tekin  | 02.10.2025 - Обновена : 02.10.2025
Турција го нарече нападот на Израел врз флотилата за Газа „терористички чин“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турција упати критики за пресретнувањето од страна на Израел на Глобалната флотила „Сумуд“, која беше на пат да достави помош во Газа, нарекувајќи го тоа „терористички чин“ што ги загрозува животите на невините цивили, јавува Анадолу.

„Овој напад, чија цел беа цивили кои дејствуваа мирно без прибегнување кон насилство, е доказ дека фашистичките и милитаристички политики што ги спроведува геноцидната влада на Нетанјаху, која ја осуди Газа на глад, не се ограничени само на Палестинците, туку се насочени кон сите што се борат против угнетувањето наметнато од Израел“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека од почетокот на патувањето се одржува координација со други земји чии граѓани се меѓу учесниците во флотилата.

„Се преземаат сите потребни чекори за да се обезбеди итно ослободување на нашите граѓани и другите патници приведени од израелските сили“, се додава во соопштението.

Се изразува надеж дека нападот нема да ги поткопа напорите за постигнување прекин на огнот во Газа.

Се најавува дека ќе бидат преземени и правни мерки за да се повикаат на одговорност „сторителите на нападот“.

„Ги повикуваме ОН и сите релевантни меѓународни организации да преземат итни дејства за укинување на незаконската блокада врз Газа, да овозможат хуманитарната помош да влезе во регионот и да обезбедат слобода на пловидба“, се заклучува.

Турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз го осуди нападот, велејќи дека „незаконскиот и варварски напад на Израел врз флотата Сумуд во меѓународни води е неприфатлив. Го осудувам овој напад врз колективната свест на човештвото“.

Претседателот на турскиот Парламент, Нуман Куртулмуш, исто така го осуди нападот, нарекувајќи го „јасно кршење на меѓународното право и злосторство“.

Директорот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран, исто така осудувајќи го нападот, рече дека интервенцијата на Израел ќе остане запаметена во историјата како „темна дамка“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın