Abdullah Aşıran
03 Октомври 2025•Ажурирај: 06 Октомври 2025
- Абдулах АШИРАН
Марија од Холандија на 74-годишна возраст возеше велосипед низ цела земја еден месец за да го привлече вниманието кон страдањата во Палестина и Газа по израелските напади.
На 1 септември тргнала од Лајден и ги посетила главните градови на сите холандски провинции и други градови во земјата, односно до 1 октомври Марија со велосипедот поминала приближно 1.500 километри.
Секој ден, од 10:30 до 16:30 часот, таа возела велосипед приближно 50 километри.
Некои жители на градовите што ги посетувала возејќи велосипед ја придружувале во нејзиниот проект, а кон крајот на денот ѝ ги отворале вратите на своите домови каде што Марија ноќевала.
На крајот од денот Марија пристигнувала на градските плоштади каде што ја пречекувале поддржувачите и случајните минувачи, со кои разговарала за случувањата во Палестина и Газа што се резултат на израелските напади.
Во текот на патувањето Марија собрала донации во висина од 22.000 евра за Газа и планира да ги насочи за информирање на луѓето за случувањата во Палестина и Газа и да ги охрабри да размислуваат поинаку.
Во разговорот со новинарот на Агенција Анадолу (АА), Марија рече дека тргнала од родниот град Лајден на 1 септември со велосипед и возела еден месец за да го привлече вниманието кон настаните во Палестина и Газа.
Таа рече дека планирала роденденска забава за својот 75. роденден оваа година, но ја откажала бидејќи не го сакала тоа во време кога се случуваат такви нешта во Газа.
„Не бев задоволна од идејата да имам забава бидејќи не можев тука да славам додека на другата страна од светот се случува геноцид. Таа ноќ не можев да спијам, а потоа помислив дека мора да направам нешто што ми поаѓа од рака“, рече Марија.
„Холандската Влада сè уште не го признава тоа што се случува во Газа како геноцид. Решив да го претворам мојот гнев во акција. Гневот и тагата немаат смисла доколку вашиот гнев не можете да го претворите во нешто позитивно“, рече Марија.
Таа вели дека одлучила да вози велосипед низ Холандија и да им раскажува на луѓето за тоа што се случува во Палестина и Газа од 1948 година наваму, додавајќи:
„Сфатив дека многу луѓе, дури и моите пријатели, никогаш не го слушнале зборот накба и не знаат што значи. Всушност, не сме доволно информирани. За холокаустот нè учеа во училиште, но никогаш не зборуваа за накба.“
Опишувајќи ги настаните во Палестина и Газа како „неправедна ситуација“, Марија истакна:
„Израел, всушност, од 1948 година ја држи Палестина под окупација и постојано бара повеќе. Мислам дека негова цел е целосно да ги протераат Палестинците од палестинската територија. Ова апсолутно не може и не треба да се случи. Ова е неоколонијализам. Ова е неприфатливо.“
Раскажувајќи дека возела велосипед приближно 1.500 километри во текот на еден месец и понекогаш била придружувана од нејзините поддржувачи, Марија рече:
„Ги посетив сите главни градови на провинциите. Се надевам дека охрабрив многу луѓе да размислуваат поинаку за ситуацијата. Во повеќето градови, ако не и во секој град, имаше некој на плоштадот. Во некои помали градови, дури и ако таму немаше никој, сепак стоев половина час и, на пример, одев на терасите и зборував за геноцидот извршен од Израел. Нешто мора да се направи. Ова не може да продолжи вака.“