Турција

Еродган: „Одлучни сме Идлиб да го претвориме во безбедно место“

„Турција е одлучна да го претвори Идлиб во безбедно место по секоја цена, за доброто на Турција и на населението во регионот“

Ekipa   | 19.02.2020
Еродган: „Одлучни сме Идлиб да го претвориме во безбедно место“

АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека започнувањето на прекуграничната операција во Идлиб од страна на Турција е само прашање на време, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Како и сите други претходни операции, велиме дека можеме ненадејно да дојдеме една ноќ. Со други зборови, операцијата во Идлиб е прашање на време“, изјави Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развоја (АК Партија) во главниот град Анкара, осврнувајќи се на трите турски операции во северна Сирија од 2016 година.

„Средбите со руските власти за ставање крај на крвопролевањето во Идлиб не успеаја да дадат резултати“, рече Ердоган.

„Иако сите состаноци ќе продолжат, реалноста е дека сме многу далеку од она што го сакаме“, изјави тој.

                    

„Турција ги направи сите подготовки за да ги спроведе своите планови за операцијата во Идлиб“, додаде Ердоган.

„Турција е одлучна да го претвори Идлиб во безбедно место по секоја цена, за доброто на Турција и на населението во регионот“, изјави турскиот претседател.

Веќе неколку години, Турција ја нагласуваше безбедноста на Сиријците на нејзината јужна граница, како од терористите што сакаат да формираат „терористички коридор“ во северна Сирија, така и од нападите на режимот на Асад, руските сили и силите поддржани од Иран.

Идлиб е најголемо упориште на сириската опозиција, каде што во моментот се наоѓаат речиси 4 милиони жители. Тоа е двојно поголема популација од онаа што ја имаше Идлиб пред почетокот на војната во Сирија.

Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра.

Меѓутоа, режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и тоа во регионите на самата сириско-турска граница.

Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Согласно договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо продолжија со артилериските и воздушните напади во кои досега се убиени повеќе од 1.800 цивили.

Од јануари 2019 година од Идлиб во регионите на сириско-турската граница побегнаа повеќе од 1.677.000 цивили.

- „Обидот за пуч на ФЕТО е одмазда на посветената борба на Турција против терористите“ -

Турскиот претседател истакна дека обидот за државен удар во 2016 година во Турција бил одмазда за владејачката партија која е посветена на борбата против терористичката организација ФЕТО.

„Зарем нашата одлучна борба против терористите не е причината што ФЕТО го започна обидот за пуч и се разоткри по 40 години дејствување? Презедовме акции против нив, секако стопирајќи ги нивните акции секаде и во секое време“, изјави Ердоган.

Осврнувајќи се на лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија  (CHP), која тврдеше дека обидот за пуч бил организиран од Владата, Ердоган изјави: „Само едно лице беше под специјална заштита на ФЕТО ноќта за време на пучот, и неговото име е Кемал Киличдароглу.“

„Тие тврдеа дека бил контролиран пуч - да, беше контролиран од вас, но вие не успеавте во тоа“, додаде тој.

ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот пуч на 15 јули 2016 година, во кој животот го загубија 251 лице, а скоро 2.200 беа повредени.

Терористичката организација ФЕТО стоeше и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок, преку инфилтрација во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

- Либија - 

Осврнувајќи се на либиската криза, турскиот претседател изјави дека Европската Унија (ЕУ) нема овластувања да донесе одлука за Либија.

Ердоган го поздрави повлекувањето на либиската Влада признаена од ОН од преговорите на Воениот комитет на ОН во Женева, по нападот врз пристаништето во Триполи.

„Доколку не излезе фер договор од состаноците во кои беше вклучена и меѓународната заедница... ние ќе ја поддржиме легитимната влада во Триполи да има контрола врз целата земја“, рече тој.

Заедничката воена комисија која ја претставува либиската Влада, признаена од ОН, и силите на Хафтар вчера започна со вториот круг разговори за можно решение, но либиската Влада објави повлекување од учеството во разговорите за прекин на огнот, како резултат на нападот на силите на Хафтар врз пристаништето во главниот град, со што е прекршено примирјето.

Одговарајќи на прашањата на новинарите по состанокот со парламентарната група, Ердоган ги оцени забелешките на американскиот претседател, Доналд Трамп, во врска со Идлиб.

„Во секој момент е можна секаква соработка [со САД]“, рече Ердоган.

Трамп вчера изјави дека Вашингтон и Анкара работат заедно за да утврдат што може да се стори во врска со офанзивата на сирискиот режим, поддржана од Русија и Иран, за што ОН рекоа дека довело до раселување на 900.000 луѓе.

„Ердоган се стреми кон тоа да спречи да не се достигне хуманитарна катастрофа во северозападната сириска област Идлиб“, изјави Трамп.

„Тој се бори за Идлиб и не сака таму да бидат убиени илјадници и стотици илјади луѓе“, рече Трамп.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın