Ердоган повика на „независна, географски интегрирана палестинска држава“
„Траен мир на Блискиот Исток е можен само преку конечно решавање на палестинско-израелскиот конфликт“, рече турскиот претседател.

ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера изјави дека не може повеќе да се одложува реализацијата на независна и географски интегрирана палестинска држава врз основа на границите од 1967 година, со главен град Кудс (Ерусалим), јавува Анадолу.
„Траен мир на Блискиот Исток е можен само преку конечно решавање на палестинско-израелскиот конфликт“, рече Ердоган на церемонијата на отворањето на православната црква „Свети Ефрем Сирин“ во Јешилќој на европската страна на Истанбул. Таа е прва црква изградена во ерата на Туркије како република.
Ердоган рече дека Туркије е подготвена да го стори својот дел за да го запре израелско-палестинскиот конфликт и да ги намали тензиите што ескалираа во саботата.
„Палестинското прашање е главна причина за проблемите во нашиот регион. Нашиот регион ќе остане да копнее за мир доколку не се постигне праведно решение“, додаде турскиот претседател.
Ердоган, исто така, нагласи дека треба да се избегнуваат какви било чекори што ќе ги ескалираат тензиите во регионот и ќе доведат до повеќе крвопролевање и продлабочување на проблемите.
„Туркије, исто така, ги интензивира и продолжува своите дипломатски напори за враќање на мирот“, додаде тој.
Палестинската група Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“, велејќи дека нападот без преседан бил одговор на упадот во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство меѓу доселениците. Таа рече дека истрелала ракети и заробила многу Израелци.
Како одговор на тоа,, израелската армија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас, изведувајќи воздушни напади врз Појасот Газа.
Борбите продолжија и во неделата и Израел прогласи воена состојба.
Коментирајќи за Авганистан, кој беше погоден од смртоносен земјотрес во саботата, Ердоган ја повика меѓународната заедница да ѝ помогне на земјата разорена од војна, велејќи дека Туркије е со Авганистан.
„Посакувам милост од Алах за нашите браќа и сестри што ги загубија животите поради земјотресот во Авганистан, а на повредените им посакувам брзо закрепнување“, рече тој.
Бројот на жртвите од силниот земјотрес во саботата што го погоди северозападниот дел на Авганистан надмина 2.500, според официјален претставник.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.