Ердоган: Обемот на трговија меѓу Турција и САД од 100 милијарди долари „продолжува да е наша заедничка цел“
Соработката меѓу Турција и САД во одбранбената индустрија мора да се ослободи од пречките и ограничувањата што е можно поскоро, истакна турскиот претседател

ИСТАНБУЛ (АА) – Обемот на трговска размена од 100 милијарди долари помеѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) „продолжува да е наша заедничка цел“, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Во обраќањето на Турската инвестициска конференција во Њујорк, организирана од Бизнис советот Турција-САД, Ердоган рече дека верува оти Анкара и Вашингтон ќе ја достигнат целта од 100 милијарди долари за трговска размена со поддршка на приватниот сектор и нови инвестициски иницијативи.
Соработката меѓу Турција и САД во одбранбената индустрија мора да се ослободи од пречките и ограничувањата што е можно поскоро во согласност со духот на сојузништвото, рече турскиот претседател.
„Очекуваме“ импулсот во билатералните односи да се забрза со истражување на можностите за соработка во секторите, меѓу кои енергетиката, киберпросторот и вселената, истакна Ердоган.
„Продолжуваме да преземаме чекори за зајакнување на транспарентна, конкурентна и безбедна пазарна средина што ќе ја направи Турција попривлечна за инвеститорите“, истакна тој.
Силната логистичка инфраструктура на Турција, модерните пристаништа и напредната мрежа автопати и железница ја прават стратешки центар за инвеститорите, додаде турскиот претседател.