Турција

Директорот за комуникации на Турција: Израелскиот потег за признавање на Сомалиленд е „кршење на меѓународното право“

„Овој чекор дополнително ја дестабилизира кревката рамнотежа во регионот“

Merve Berker  | 27.12.2025 - Обновена : 27.12.2025
Директорот за комуникации на Турција: Израелскиот потег за признавање на Сомалиленд е „кршење на меѓународното право“

АНКАРА (АА) – Директорот за комуникации на Турција, Бурханетин Дуран, ја осуди изјавата на Израел за признавање на регионот Сомалиленд како независна држава, нарекувајќи го потегот „јасно кршење на меѓународното право“, пренесува Анадолу.

Дуран преку американската платформа за социјални медиуми X истакна дека одлуката претставува „мешање во внатрешните работи на Сомалија“, нагласувајќи дека потегот го цели суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

„Овој чекор дополнително ја дестабилизира кревката рамнотежа во регионот“, додаде тој.

Дуран, исто така, го окарактеризира ставот на Израел како „еден од неодговорните акти“ на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, „која има мрачна трага за (извршен) геноцид и окупација“, и рече дека потегот ги поткопува тековните напори за обезбедување мир и стабилност на Рогот на Африка.

„Сметам дека меѓународната заедница мора да заземе обединет став против ваквите иницијативи што ризикуваат ескалација на тензиите и безбедносни закани на Рогот на Африка“, рече тој.

Дуран дополнително ја потврди посветеноста на Анкара да стои покрај Сомалија.

„Турција ќе продолжи силно да го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата братска земја Сомалија“, нагласи тој.

Претходно денес, Израел го призна сомалискиот отцепен регион Сомалиленд како независна и суверена држава.

Сомалиленд, кој нема официјално признание откако прогласи независност од Сомалија во 1991 година, функционира како де факто независен административен, политички и безбедносен ентитет, при што централната влада не е во можност да воспостави контрола врз регионот, а нејзиното раководство не е во можност да обезбеди меѓународно признавање на независноста.

Сомалиската Влада одбива да го признае Сомалиленд како независна држава, го смета за составен дел од својата територија и ги смета сите директни договори или ангажмани со него како кршење на суверенитетот и единството на Сомалија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın