Турција

Анадолу ја претстави книгата за вештачка интелигенција и новинарство

- Програмата со воведно обраќање ја отвори претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, кој нагласи дека вештачката интелигенција (ВИ) денес е клучен двигател на глобалните промени

Başak Akbulut Yazar  | 05.11.2025 - Обновена : 05.11.2025
Анадолу ја претстави книгата за вештачка интелигенција и новинарство

ИСТАНБУЛ (АА) – Во седиштето на Агенција Анадолу (АА) во Истанбул се одржа промоција и форум по повод објавувањето на книгата „Вештачката интелигенција и новите правци во новинарството – Медиумската писменост во дигиталното доба“, објавена од АА Публикации.

Програмата со воведно обраќање ја отвори претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, кој нагласи дека вештачката интелигенција (ВИ) денес е клучен двигател на глобалните промени.

Караѓоз рече дека додека светот се менува, вештачката интелигенција е токму она што најмногу влијае на овие промени и дека оваа технологија, благодарение на моќните алгоритми, може да ја обликува визијата за иднината побрзо и поконзистентно од самиот човечки начин на размислување.

Тој истакна дека војните на денешницата се многу различни од оние од пред 50 години и дека се предвидува дека за 20 години светот ќе биде сведок на уште поразлични форми на војување, додавајќи дека книгата, со помош на проширената реалност, покажува што носи тој нов период.

Караѓоз потсети дека Анадолу ја прогласи 2024 година за „година на вештачката интелигенција“, велејќи: „Истата година, рековме дека медиумите повеќе не можат да постојат одвоено од технологијата. Како АА, веруваме дека новинарството, известувањето и агенциската работа мора да одат рака под рака со технологијата. Затоа ја основавме АА Текнолоџи. АА има 106 години, но во 2024 година станавме медиумско-технолошка куќа.“

Наведувајќи дека многу медиумски организации активно користат ChatGPT и други јазични модели на вештачката интелигенција, Караѓоз додаде:

„Се запрашавме - можеме ли да имаме сопствена јазична вештачка интелигенција? Денес, АА работи токму на ова, во соработка со Фондацијата Т3.“

Тој истакна дека промовираната книга содржи бројни иновативни карактеристики како што се QR кодови и алгоритми, и порача: „Ја препорачуваме оваа книга на сите што трагаат по знаење и нови перспективи. Верувам дека претставува значаен придонес во издаваштвото во Турција. Вештачката интелигенција е област што мора да напредува со исто темпо како и глобалниот развој. Ние во Агенција Анадолу се обидуваме да го фатиме овој ритам, сликовито кажано, спиеме со вештачката интелигенција и се будиме со неа.“

По обраќањето на Караѓоз, се одржа форум модериран од д-р Набат Гараханова од Универзитетот Богазичи, на кој присуствуваа професорите Билгин Метин, Пелин Озтурк Гочмен, Бариш Атикер и Рукије Ѓулај Озтурк.

Гараханова рече дека книгата е пионерски потфат за новинарите кои ги следат глобалните случувања и дека процесот на пишување бара постојано ажурирање поради брзиот развој на технологијата за вештачка интелигенција.

„Начинот на читање се промени, денес можеме да прочитаме 250 знаци меѓу два прста. Затоа ја дизајниравме книгата како интерактивно академско дело“, рече таа.

Книгата вклучува QR кодови и веб-верзија што овозможува пристап до видео и аудио содржини, па дури и делови што се коментирани од самата вештачка интелигенција.

Професорот Билгин Метин говореше за ризиците од вештачката интелигенција, оние базирани на податоци и модели, истакнувајќи дека вештачката интелигенција често се користи заедно со човечките предрасуди. „Ако податоците не се исчистени, грешките во нив се пренесуваат и на резултатите од системите за вештачка интелигенција“, предупреди тој.

Проф. Бариш Атикер истакна дека сликите со вештачката интелигенција е сè потешко да се препознаат: „Порано можевме да ги разликуваме, но сега живееме во ерата на „вештачка реалност“. Решението, парадоксално, лежи во самата технологија на вештачката интелигенција.“

Проф. Рукије Ѓулај Озтурк ја нагласи потребата од рамнотежа помеѓу придобивките и ризиците од дигиталните технологии.

„Живееме во личен свет каде што дигиталните и физичките реалности се испреплетуваат. Човечката креативност е сè уште ненадминлива - најуспешните реклами сè уште ги создаваат луѓето, а не машините“, рече таа.

Проф. Пелин Озтурк Ѓочмен се осврна на дигиталниот идентитет, предупредувајќи дека тој не е само трага на интернет, туку „мноштво алгоритамски обликувани верзии од нас самите“.

„Во дигиталниот простор, ние градиме колективен, а не индивидуален идентитет, додека алгоритмите нè сместуваат во категории и го обликуваат начинот на кој другите нè гледаат“, додаде таа.

- Содржина и значење на книгата -

Книгата, објавена од AA Публикации, истражува како дигиталното доба ги променило производството, дистрибуцијата и консумацијата на медиумите.

Се нагласува дека современите новинари мора да бидат експерти кои ги разбираат податоците, алгоритмите и етичките импликации на технологијата.

Ова е прва публикација во новинарството кое користи технологија на проширена реалност, а преку QR кодовите и апликацијата Artivive, читателите можат да пристапат до видео и аудио материјали и визуелни додатоци - правејќи ја книгата интерактивно искуство, а не само градиво.

Делото нуди и современа мапа на патот за интеграција на вештачката интелигенција и медиумската етика, и за враќање на довербата во новинарството.

Учесници во проектот се голем број претставници на академската фела, меѓу кои се доц. проф. д-р Х. Дениз Карџи - Од медиумска до дигитална писменост, доц. проф. д-р Еда Сезерер Албајрак – Дигитални медиуми и дезинформации, проф. д-р Суат Гезгин и доцент. д-р Али Ефе Ирали – Медиуми и дигитална психологија, д-р Оѓул Ѓочмен – Дигитален идентитет и граѓанство, проф. д-р Рукије Ѓулај Озтурк – IQ, EQ, DQ: Нови форми на интелигенција, д-р Набат Гараханова – ВИ писменост на новинарите, дигитална уметност и новинарство, проф. д-р Ергин Ерѓул – Дигитални права и одговорности, проф. д-р Пелин Озтурк Ѓочмен – Дигитална култура, д-р Неџати Вардар – Новинарски вештини на 21 век, Сара Ахмад Муџали Алкуфахи – Речник на медиумски термини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.