УЕФА Лига на шампиони: Реал Мадрид и Манчестер Сити се пласираа во четвртфиналето
Центарфорот на Реал Мадрид, Бензема, стана 5-тиот фудбалер што постигнал 70 гола во Лигата на шампиони

ИСТАНБУЛ (АА) - На реванш-средбите од осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони екипата на Реал Мадрид со 3:1 ја совлада Аталанта, додека Манчестер Сити со 2:0 ја совлада Борусија Менхенгладбах, и со тоа изборија пласман во четвртфиналето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во најпрестижното фудбалско клупско натпреварување во Европа синоќа се одиграа две реванш-средби од осминафиналето на Лигата на шампиони.
Реал Мадрид, по победата од 0:1 на гостувањето во Аталанта, синоќа во реванш-средбата му беше домаќин на италијанскиот претставник во ЛШ.
На натпреварот што се играше на стадионот „Алфредо ди Стефано“, Карим Бензема во 34. минута постигна погодок за водство на Реал Мадрид од 1:0. Првото полувреме заврши со овој резултат, а во 60. минута Реал преку Серхио Рамос со удар од белата точка ги доведе домаќините во водство од 2:0.
Аталанта во 83. минута преку Луис Муриел намали на 2:1, но радоста не траеше долго, бидејќи веќе една минута подоцна Марко Асенсио постигна гол и го постави конечниот резултат од 3:1 за победа на Реал Мадрид и пласман во четвртфиналето.
Францускиот центарфор Бензема со голот што го даде на овој натпревар стана петтиот фудбалер што постигнал 70 гола во УЕФА Лигата на шампиони. На листата на голгетери во ЛШ на првото место се наоѓа Кристијано Роналдо (134), следуваат Лионел Меси (120), Роберт Левандовски (72) и Раул Гонзалес (71).
- Илкај Ѓундоган повторно постигна погодок -
Во вториот натпревар што се одигра синоќа, Манчестер Сити ѝ беше домаќин на Борусија Менхенгладбах.
Поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) и ограничувањето на патувањата, оваа средба се одигра на Арената „Пушкаш“ во Унгарија. Манчестер Сити уште од самиот почеток силно нападна и веќе во 12. минута Кевин де Бројне го доведе Сити во водство од 1:0.
Манчестер Сити продолжи со нападите на голот на Борусија Менхенгладбах, а Илкај Ѓундоган во 18. минута постигна погодок за водство на Сити од 2:0, резултат со кој се замина на полувреме.
Манчестер Сити во второто полувреме играше порелаксирано и во текот на вторите 45 минути немаше измена на резултатот. Манчестер Сити со победата од 2:0 обезбеди пласман во четвртфиналето на ЛШ.
Денес се играат преостанатите две средби од осминафиналето на УЕФА Лигата на шампиони со почеток во 21:00 часот. Се среќаваат Челзи - Атлетико Мадрид и Баерн Минхен - Лацио.