Лионел Меси: „Не знам дали ќе заминам од Барселона"
„Не знам дали ќе заминам од Барселона. Но, драго би ми било да заминам на најдобар начин. И тоа да биде привремено. Еден ден би сакал да се вратам во Барселона, во градот и повторно да работам во овој клуб“, истакна Меси.

МАДРИД
Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, кој игра во шпанскиот тим Барселона истакна дека за текот на неговата кариера во иднина ќе чека да заврши актуелната сезона, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во ексклузивното интервју за програмата емитувана на шпанската телевизија „Ла секста“, Меси одговори на прашањата во врска со дискусиите по барањето да го напушти клубот и за неговата иднина.
Во врска со периодот во август, кога испрати факс до клубот преку својот адвокат, со што сакаше да си замине, Меси рече: „По сето тоа што се случи, навистина летото го поминав многу лошо.“
Меси, исто така, додаде дека и покрај сè, ако постои можност да се врати во минатото, повторно би го испратил истиот факс до клубот.
Обвинувајќи го поранешниот претседател на клубот, Жосеп Марија Бартомеу, за она што се случи по неговото барање да ја напушти Барселона, Меси нагласи:
„Сакав да го напуштам тимот и да го сторам тоа на добар начин. Претседателот ме измами неколку пати. За да ме стави во позиција на лош карактер во филмот, почна да дава некои информации по медиумите. Но, она што се случи, се случи и заврши.“
Истакнувајќи дека за него периодот во Барселона е завршен и дека стои зад барањето да си замине од клубот, Меси рече: „На почетокот беше многу тешко да се навикнам на новата екипа. Не бев на позицијата што ја посакував, имав проблеми да се приспособам со новите имиња во екипата. Околу мене имаше многу малку луѓе што ги познавам. Дојдоа многу луѓе однадвор, а тие што беа во екипата си заминаа. Ние сме од различни култури, различни луѓе и тоа отежнува да се создаде единство во екипата. Но, постепено се обидовме да го постигнеме тоа.“
Истакнувајќи дека „невозможно“ е во иднина да игра за Реал Мадрид или за Атлетико Мадрид, аргентинскиот фудбалер со зборовите „Чувајте ги за вас“, одби да ги земе билетите за Париз (Париз Сен Жермен) и Лондон (Манчестер Сити), што му ги понуди шпанскиот новинар.
„Не знам дали ќе заминам од Барселона. Но, драго би ми било да заминам на најдобар начин. И тоа да биде привремено. Еден ден би сакал да се вратам во Барселона, во градот и повторно да работам во овој клуб. Ако одам јас, ништо нема да се случи. Секако, Барселона е поголема и од мене и од кој било друг играч. Се надевам дека новиот претседател, што ќе биде избран, повторно ќе го подигне клубот за освојување на значајните трофеи“, истакна Меси.
Триесет и тригодишниот фудбалер, чиј договор во Барселона ќе истече на крајот на сезоната, истакнувајќи дека по завршувањето на професионалната кариера сака да остане во фудбалот, рече дека повеќе сака да биде спортски директор, бидејќи себеси никогаш не се гледал како тренер.
„Јас секогаш велев дека сакам да живеам во САД и да го пробам искуството на тој живот и на таа лига. Но, дали тоа ќе се случи, не знам“, рече Меси.
Аргентинскиот фудбалер Меси, исто така, додаде:
„Повеќе живеев во Барселона, отколку во Аргентина. Со клубот и градот имам една љубовна приказна која доаѓа од детството. Без оглед на тоа како ќе заврши мојата професионална кариера, овој настан не треба да остави дамка на целата моја кариера тука. Не е лесно да останеш 16 години во еден клуб и сè да оди добро. Во животот може да има многу лоши и лоши периоди, но сето тоа може да се надмине. Ќе видиме каков ќе биде мојот крај.“
Од друга страна, признавајќи дека Барселона, која ќе оди на избори на 21 јануари, е во институционална криза како што тврдат во шпанскиот печат, Меси рече: „Клубот минува низ навистина лош период, ќе биде тешко да се вратиме таму каде што бевме (кога се освојуваа трофеи).“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.