Денвер Нагетс шампион на НБА, Никола Јокиќ МВП на финалето
- Никола Јокиќ, кој повеќепати учествуваше во НБА Ол-стар натпреварите, брилираше и во петтиот натпревар од финалната серија против Мајами Хит остварувајќи дабл-дабл учинок, од 28 поени и 16 скока

ДЕНВЕР (АА)
Кошаркарите на Денвер Нагетс ја освоија својата прва титула шампион на НБА откако во петтиот натпревар од финалната серија на домашен терен го совладаа Мајами Хит со 94:89 и на тој начин со резултат 4:1 ја испишаа клупската историја, пренесува Анадолу.
Никола Јокиќ, кој повеќепати учествуваше во НБА Ол-стар натпреварите, брилираше и во петтиот натпревар од финалната серија против Мајами Хит остварувајќи дабл-дабл учинок, од 28 поени и 16 скока, а имаше и 4 асистенции.
Кај Нагетс извонредна игра прикажаа и Мајкл Портер Џуниор со дабл-дабл учинок од 16 поени, 13 скока и Џамал Мареј со 14 поени и 8 асистенции.
Во редовите на Мајами Хит најдобра игра прикажа Џими Батлер со постигнати 21 поен, 3 скока, 5 асистенции. Бам Адебајо натпреварот го заврши со дабл-дабл учинок од 20 поени, 12 скока. Свој придонес дадоа и Кајл Лори со 12 поени, 9 скока, 4 асистенции и Макс Штрус со 12 поени, 8 скока, но тоа не беше доволно за да се совлада новиот шампион на НБА.
Мајами Хит по водство на Денвер Нагетс на почетокот на средбата, при крајот на првата четвртина, успеа да премине во водство и да го добие овој дел со 22:24. Гостите успеаја да ја добијат и втората четвртина со резултат 22:27 и на полувреме заминаа со резултат 44:51 за Мајами Хит.
Екипата на Хит добро го започна второто полувреме, но кон средината на четвртината Денвер ја намали предноста и добивајќи ја оваа четвртина со резултат 26:20, влезе во последната четвртина со негатива од 1 поен (70:71).
Последната четвртина од средбата донесе неизвесна завршница со благо водство на Денвер Нагетс, сѐ до 3 минути пред крајот на средбата, кога Мајами ја анулираше предноста на домаќините и во периодот што следуваше двете екипи наизменично се менуваа во водството. На 1 минута и 32 секунди пред крајот на средбата Нагетс поведоа со 90:89, по што Мајами не успеа во неколку напади да биде ефикасен, но затоа домаќините знаеја да го казнат тоа и со резултат 89:94 успеаја да победат и на Денвер да му ја донесат првата титула шампон на НБА.
Денвер Нагетс со победата од 4:1 во серијата од четири победи во финалето на НБА над Мајами Хит стана новиот шампион на Американската кошаркарска лига, а српскиот репрезентативец Никола Јочиќ беше прогласен за МВП на финалето на НБА за 2023 година.