економија, Балкан

Во Скопје поставени темелите на фабриката за грејачи и отпорници на турската групација „Шахтерм“

„Темелите поставени овде денес нема да бидат само на фабрика, туку и на пријателство и соработка меѓу Турција и Северна Македонија...“

Erdinç Aksoy  | 17.05.2025 - Обновена : 17.05.2025
Во Скопје поставени темелите на фабриката за грејачи и отпорници на турската групација „Шахтерм“ Фото: Erdinç Aksoy/АА

СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје денес беа поставени темелите на фабриката за производство на грејачи и отпорници за бела техника и електрични апарати на турската групација „Шахтерм“ од Бурса, јавува Анадолу.

На церемонијата по повод поставувањето камен-темелник во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) - Скопје, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, рече дека инвестицијата во првата фаза ќе изнесува 25 милиони евра и првично ќе обезбеди вработувањa за приближно 200 лица.

Мицкоски изјави дека вкупната вредност на инвестицијата ќе изнесува 50 милиони евра, а бројот на вработени над 500 и додаде:

„Овој проект не само што ја развива економијата, туку ја потврдува и стабилноста и напредокот на нашата земја со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз.“

Тој истакна дека најновите економски индикатори даваат надеж, и дека економските индикатори и податоци јасно покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат.

Мицкоски изрази благодарност до Фарук Шахин, претседателот на Управниот одбор на групацијата „Шахтерм“, за неговата инвестиција и за довербата во потенцијалот на земјата.

Амбасадорот на Турција во Северна Македонија, Фатих Улусој, исто така, го изрази своето задоволство од отворањето на фабриката од страна на компанијата што произведува грејачи и отпорници за водечки светски брендови на бела техника и електрични апарати.

Улусој рече дека двете земји се поврзани со длабоки историски и културни врски, и додаде: „Турските компании придонесуваат и за развојот на земјата и за развојот на извозот, обезбедувајќи вработување за приближно 10 илјади луѓе во оваа прекрасна земја. Исто така, ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија и ќе продолжиме да го правиме тоа. Оваа фабрика, чии темели ги поставуваме денес, ќе го заземе своето место меѓу компаниите кои гордо ја претставуваат нашата земја во Северна Македонија и ќе го зголеми придонесот кон економијата и извозот на земјата“, рече тој.

Мурат Евке, претседател на Румелиското здружение на бизнисмени и индустријалци (RUMELİSİAD), истакна дека Северна Македонија е земја која нуди одлични можности за инвеститорите со својата стратешка локација и динамична економија и рече: „Темелите поставени овде денес нема да бидат само на фабрика, туку и на пријателство и соработка меѓу Турција и Северна Македонија. Од срце верувам дека оваа инвестиција ќе даде значаен придонес и за локалната економија и за регионалниот развој. Секогаш ја гледаме поддршката на деловниот свет во регионот, охрабрувањето на инвестициите и придонесот за економскиот развој како меѓу нашите главни цели.“

- Цел за зголемување на вработувањето на 1000 луѓе -

Фарук Шахин, претседател на Управниот одбор на групацијата „Шахтерм“, изјави дека компанијата достигнала точка каде што извезува 60 проценти од своето производство на пет континенти во светот со 800 вработени во три фабрики.

Истакнувајќи дека тие се во голема потрага по глобализација во последните 10 години, Шахин рече:

„Во текот на овој процес, спроведовме студии за физибилност во индустриската зона Чикаго во САД, Русија и разни други дестинации. Моите пријатели индустријалци знаат дека физибилноста генерално се однесува на економскиот поврат на инвестицијата, но моето сфаќање за физибилноста не е ограничено на ова. Првиот столб е дека земјата во која ќе се инвестира е земја која живее во мир со своите соседи и има внатрешен мир. Другиот столб се техничките, комерцијалните и социјалните можности кои покажуваат колку земјата сака инвеститори.“

„Почитуван премиере, со голема чест сакам да кажам дека решив да ја направам оваа инвестиција бидејќи вашата земја во голема мера ги исполнува овие услови. Моето производство ќе биде 100 проценти ориентирано кон извоз и ќе донесе девизи во Македонија. Доколку вашето сегашно гостопримство кон инвеститорите продолжи во следните 5 години, ќе ја зголемам оваа инвестиција на 100 милиони евра и ќе ја претворам во комплекс што ќе обезбеди вработување за 1000 луѓе во рок од 5 години.“

По обраќањата, беше означен стартот за поставувањето темели на фабриката.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.