спорт

Англија се пласираше во финалето на ЕВРО 2024 по победата над Холандија од 2:1

- Холанѓаните поведоа со голот на Симонс во 7. минута, а Англичаните го изедначија резултатот во 18. минута со погодокот на Кејн. Целосен пресврт и победа на Англија ѝ донесе Воткинс со погодокот постигнат во 90. минута

Dejan Maksimovic  | 11.07.2024 - Обновена : 12.07.2024
Англија се пласираше во финалето на ЕВРО 2024 по победата над Холандија од 2:1 Фото: Jose Breton

ДОРТМУНД (АА) - Фудбалската репрезентација на Англија се пласираше во финалето на Европското првенство што се игра во Германија откако синоќа во полуфиналето во Дортмунд со резултат 2:1 ја совлада селекцијата на Холандија, известува Анадолу.

Холанѓаните подобро го започнаа натпреварот и веќе во 7. минута поведоа со 1:0. Ксави Симонс извонредно се проби низ средината и од дваесетина метри со феноменален удар ја затресе мрежата на Џордан Пикфорд. Англичаните по примениот гол започнаа да вршат притисок на противничкиот гол. Во една акција во шеснаестерецот Хари Кејн шутираше кон голот на Холандија при што беше фаулиран, а судијата на средбата во консултација со ВАР-собата досуди удар од белата точка. Кејн беше прецизен и во 18. минута Англија го изедначи резултатот на 1:1.

Англија продолжи со акциите на голот на Холандија. По шутот на Фил Фоден во 23. минута топката се најде зад голманот Барт Вербруген, но одбранбениот играч не дозволи топката да ја мине линијата на голот.

Се редеа акции и на двете селекции. Во една од нив, во 30. минута Холанѓанецот Дензел Дамфрис упати удар со глава кон голот на Англија, но топката од пречката излезе во аут. Две минути подоцна Англија имаше шанса. Фоден шутираше од дваесетина метри, но топката ја погоди стативата. На полувреме се замина со резултат 1:1.

Во продолжението на средбата се играше со помалку ризик. Имаше само неколку поволни можности за гол, а најдобрата ја имаше Вирџил ван Дајл во 65. минута кога натрча на една уфрлена топка пред голот на Англија и шутираше од 7-8 метри, но Пикфорд извонредно реагираше и не дозволи водство на Холандија. Англија постигна погодок во 79. минута преку Букајо Сака, но судијата го поништи поради офсајд.

Кога сите очекуваа средбата да оди во продолжетоци, Оли Воткинс постигна гол во 90. минута по асистенцијата на Кол Палмер и ја доведе Англија во водство од 2:1, што беше и конечен резултат на средбата и пласман на Англија во финалето.

Финалето на ЕВРО 2024 во кое ќе играат селекциите на Шпанија и Англија ќе се одигра на Олимпискиот стадион во Берлин на 14 јули со почеток во 21:00 часот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.