Шумски пожар на Сицилија, опасност од нов топлотен бран со температури до 48 Целзиусови степени
– Шумскиoт пожар што избувна вчера меѓу градовите Трапани и Сан Вито Ло Капо во западниот дел на Сицилија продолжи да гори во текот на ноќта, уништувајќи хектари со ниска вегетација

СКОПЈЕ (АА) – Шумскиoт пожар што избувна вчера меѓу градовите Трапани и Сан Вито Ло Капо во западниот дел на Сицилија продолжи да гори во текот на ноќта, уништувајќи хектари со ниска вегетација, јавува Анадолу.
Силниот топлотен бран што ја зафати Европа предизвика серија шумски пожари и ги активираше итните служби во повеќе земји, при што илјадници граѓани се засегнати и наложени се евакуации и затворања.
Во Италија се очекува нов екстремен бран на горештини, а метеоролозите предупредуваат дека температурите во јужните региони и на големите острови би можеле да бидат рекордно високи.
Топлата воздушна маса, наречена трет „африкански топлотен бран“ ова лето, најмногу ќе ги погоди Јужна Италија, Сицилија и Сардинија, каде што температурите може да достигнат до 48 Целзиусови степени и да се приближат до европскиот рекорд од 48,8 Целзиусови степени забележан на Сицилија во август 2021 година, според италијанската новинска агенција РАИ.
Надлежните предупредуваат дека температурите ќе останат значително над просекот во текот на цела недела, при што се очекува максималните дневни температури да надминат 42 Целзиусови степени во регионите Апулија, Базиликата, Сардинија и Сицилија.
Високи температури ќе има и во Централна Италија и се очекува да достигнат до 36 Целзиусови степени во градовите, како Рим и Фиренца.