свет

Сирискиот претседател на КОП30 повика на инвестиции во обновлива енергија и одржлив урбан развој

Ал-Шара ја потврди целосната посветеност на Сирија на меѓународните договори, особено на Рамковната конвенција на ОН за климатски промен

Mohammad Sıo  | 07.11.2025 - Обновена : 07.11.2025
 Сирискиот претседател на КОП30 повика на инвестиции во обновлива енергија и одржлив урбан развој

ИСТАНБУЛ (АА) – Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара повика на меѓународни инвестиции во обновливи извори на енергија и одржлив урбан развој во Сирија, нагласувајќи ја посветеноста на неговата земја на реконструкција во согласност со глобалните климатски цели, јавува Анадолу.

Говорејќи на Самитот на лидерите во рамките на Конференцијата на ОН за климата (КОП30) во Белем, Бразил, Ал-Шара истакна дека Сирија се соочила со „сложени еколошки предизвици во последните години“, чии последици имале влијание врз населението и ресурсите, дополнително влошени од конфликтот и големото раселување што „создаде дополнителен притисок врз веќе ограничените ресурси“.

Тој потсети дека Сирија оваа година ја доживеала најтешката суша во повеќе од шест децении, нарекувајќи ја доказ за „кулминацијата на климатските промени што ја погодуваат земјата“.

„Нашата амбициозна визија се одразува преку плановите за реконструкција и обнова, кои веќе почнавме да ги претвораме во конкретни политики, програми и проекти“, рече Ал-Шара.

„Затоа ве повикуваме да инвестирате во Сирија – во сектори како што се обновливата енергија, одржливите зелени градови и пионерските инвестициски проекти што се заштитени и поддржани од државата“, додаде тој.

Ал-Шара ја потврди целосната посветеност на Сирија на меѓународните договори, особено на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, најавувајќи дека земјата ќе ги достави своите ажурирани национални придонеси во согласност со глобалните стандарди.

„Не сакаме само повторно да ги изградиме нашите градови туку да ја обновиме нашата врска со земјата и да воспоставиме интегрирани системи“, нагласи тој.

Цитирајќи стих од Куранот: „Од водата го создадовме секое живо суштество“, Ал-Шара нагласи дека грижата за животната средина треба да биде водилка во процесот на обновата.

„Односот на човештвото со природата е морален – колку повеќе ја почитуваш и ја штитиш, толку повеќе таа ти возвраќа со изобилство“, рече сирискиот претседател.

Тој потсети и на учењата на божјиот пратеник Мухамед за заштитата на природата, велејќи дека тој „забранил сечење дрвја дури и за време на војна“ и рекол „штедете со водата, дури и кога стоите крај река што тече“.

„Обновата на земјата е должност на човештвото“, изјави Ал-Шара, „но таа мора да се спроведува без нарушување на природната рамнотежа“.

​​​​​​​Тој додаде дека воздухот, водата и дрвјата се заеднички ресурси на целото човештво, нагласувајќи дека нивното зачувување е колективна одговорност за одржлива и безбедна иднина.

Во својот говор Ал-Шара наведе симболична паралела меѓу Амазон и сириските реки, повикувајќи на „проширување на врските на соработка од Амазон до Барада и Еуфрат“, со цел зајакнување на солидарноста меѓу народите и промовирање на улогата на земјите во развој.

За време на самитот сирискиот претседател се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потпретседателот на Турција, Џевдет Јилмаз, италијанскиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани, како и со претседателот на Светската банка, Аџеј Банга.

Ал Шара е првиот сириски претседател кој присуствувал на Конференцијата на ОН за климата од нејзиното започнување во 1995 година.

По завршувањето на КОП30, се очекува сирискиот лидер да патува за Вашингтон, каде што ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Самитот КОП30 собра околу 50.000 учесници, меѓу кои и светски лидери, научници и претставници на невладини организации, со цел да се разгледаат глобалните напори за справување со климатската криза.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın