Насилството на картелите однесе 55 животи во Мексико по смртта на Ел Менчо
- Немирите ги нарушија патувањето и туризмот во делови од Западно Мексико. Во Гвадалахара, еден од градовите домаќини на Светско првенство во фудбал, околу 1.000 туристи останале заглавени при посетата на градската зоолошка градина
Bolivar
БОГОТА (АА) - Најмалку 55 лица, меѓу кои и 25 припадници на безбедносните сили, загинаа низ Мексико по убиството на Немесио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, лидер на картелот Нова генерација Халиско, што предизвика бран одмазднички напади, јавува Анадолу.
Според министерот за безбедност и цивилна заштита Омар Гарсија Харфуч, насилството избувнало во 16 сојузни држави по операцијата во која беше ликвидиран Осегера.
Харфуч изјави дека 25 припадници на безбедносните сили биле убиени во напади извршени од картелот, а 30 члена на криминалната група загинале во безбедносни операции. Тој додаде дека биле поставени блокади на 85 автопати во 11 држави, иако сообраќајот на главните патишта во најголем дел е нормализиран по интервенцијата на властите.
Немирите ги нарушија патувањето и туризмот во делови од Западно Мексико. Во Гвадалахара, еден од градовите домаќини на Светско првенство во фудбал, околу 1.000 туристи останале заглавени при посетата на градската зоолошка градина.
Властите пратиле десетици автобуси за да ги евакуираат посетителите и да им обезбедат храна.
И во туристичкиот центар Пуерто Ваљарта биле откажани летови, а биле суспендирани големите јавни настани, вклучително и концертот на американската пејачка Кали Учис.
Телото на Ел Менчо било пренесено под засилено обезбедување во судско-медицинска установа во Мексико Сити.
Во мај 2016 година американскиот Стејт департмент го стави Осегера на листата на најбарани бегалци, а против него беше распишана потерница од суд во Западниот округ на Тексас за обвиненија поврзани со трговија со дрога и перење пари.
Во август 2018 година мексиканското Обвинителство понуди награда од околу 1,5 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење, а во декември 2024 година САД понудија награда од 15 милиони долари
Според Харфуч, Обвинителството на Мексико вчера го потврдило идентитетот на Осегера по извршена форензичка и ДНК-анализа.
По објавувањето на веста за неговата смрт во операцијата на мексиканските сили, земјата се соочи со бран насилни одмазднички напади во повеќе држави.
