Индонезиската нова престолнина Нусантара се соочува со стравови дека ќе стане „град на духови“
Причините за тоа се намалувањето на средствата, бавната изградба и минималното преместување на јавните службеници...
АНКАРА (АА) – Амбициозниот проект на Индонезија за изградба на нова престолнина, футуристичкиот град Нусантара, кој требаше да ја замени пренаселената Џакарта, се соочува со сè поголеми грижи дека може да стане „град на духови“, пренесуваат локалните медиуми, јавува Анадолу.
Причините за тоа се поради намалувањето на средствата, бавната изградба и минималното преместување на јавните службеници, според извештаите на медиумите.
Сместена длабоко во шумите на Источен Калимантан на островот Борнео, проектот Нусантара имаше драстично намалување на државното финансирање под раководство на претседателот Прабово Субианто - од 2 милијарди фунти (2,4 милијарди долари) во 2024 година на 700 милиони фунти (850 милиони долари) во 2025 година, објави „Гардијан“ вчера.
За следната година се одобрени само 300 милиони фунти (околу 365 милиони долари), тоа е една третина од побараниот износ, а приватните инвестиции заостануваат повеќе од 1 милијарда фунти од целта.
Иако Субианто ја презеде функцијата во октомври 2024 година, тој сè уште не ја посетил новата престолнина.
Во мај, тој тивко ја прекласифицирал Нусантара како „политичка престолнина“, промена што станала јавна дури во септември.
Во моментов само околу 2.000 државни службеници и 8.000 градежни работници живеат во градот - далеку од амбициозната цел за 1,2 милиони жители до 2030 година.
Иако дел од инфраструктурата, вклучително министерства, болници, патишта и претседателска палата, е завршена, голем дел од градот не е завршен.
Сепак, директорот на Агенцијата за главниот град Нусантара, Басуки Хадимулјоно, го брани проектот.
„Средства постојат, постои и политичка волја. Зошто би се сомневале?“, рече тој, додавајќи дека буџетот бил „пренаменет, не намален“ и дека претседателот лично ветил дека „ќе го заврши проектот дури и побрзо“.
Но жителите и локалните бизниси сведочат за нагло забавување на активностите.
„Сега мојот приход се намали за половина“, изјави Дви Аснавати, сопственичка на мала продавница во близина на градилиштето.
Други, како Сјараријах, велат дека по заминувањето на работниците настапила „тишина по бумот“.
Еколошките и домородните заедници, пак, предупредуваат на сериозни последици.
Невладината организација Валхи соопшти дека се уништени повеќе од 2.000 хектари мангровска шума, а заедниците на Балик тврдат дека загадувањето на водата и поплавите се зголемиле, што ги ограничува земјоделството и пристапот до чиста вода.
Иако Владата ги негира овие наводи, критичарите сметаат дека Нусантара досега ѝ донела повеќе штета отколку корист на локалната заедница.
Дури и посетителите го забележуваат необичниот мир.
„Изгледа како Сингапур“, вели туристката Клариза од Сулавеси.
„Чисто, модерно, но истовремено чудно и тивко. Тука нема никој.“
