Илјадници раселени Палестинци и понатаму живеат во тесни шатори по договорот за прекин на огнот во Газа
Воздушни снимки покажуваат густо населени импровизирани засолништа, каде што семејствата се обидуваат да најдат безбедност во услови на уништена инфраструктура и ограничен пристап до хуманитарна помош.

СКОПЈЕ (АА) - Илјадници раселени Палестинци и понатаму живеат во тесни шатори во областа Ел-Маваси, во близина на градот Хан Јунис, откако стапи на сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.
Воздушни снимки покажуваат густо населени импровизирани засолништа, каде што семејствата се обидуваат да најдат безбедност во услови на уништена инфраструктура и ограничен пристап до хуманитарна помош.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека Израел и Хамас се согласиле за првата фаза од неговиот мировен план, претставен на 29 септември, со кој се предвидува прекин на огнот, ослободување на сите израелски заложници во замена за палестинските затвореници и постепено повлекување на израелските сили од Појасот Газа.
Првата фаза од договорот стапи на сила во петокот, а втората предвидува формирање нов управувачки механизам во Газа, создавање мултинационални сили и разоружување на Хамас.
Во понеделникот започна и процесот на ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори откако Хамас ги ослободи сите 20 живи израелски заробеници што се наоѓаа во енклавата.
Од октомври 2023 година во израелските напади врз Појасот Газа се убиени повеќе од 67.800 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, оставајќи го регионот речиси целосно уништен и без услови за живот.