Демонстрантите се судрија со федералните службеници во Минесота по ново пукање на агент на ИЦЕ
Тензиите ескалираа откако Министерството за внатрешна безбедност на САД (ДХС) потврди дека агент на Имиграциската и царинска служба (ИЦЕ) во средата застрелал државјанин на Венецуела за време на обид за апсење
ИСТАНБУЛ (AA) – Во американската сојузна држава Минесота доцна синоќа демонстрантите се судрија со федералните службеници за спроведување на законот, при што беа пријавени вандализам и употреба на хемиски средства, по второто пукање во кое е вмешан службеник за спроведување на законот во Минеаполис во рок од една недела, јавува Анадолу.
Тензиите ескалираа откако Министерството за внатрешна безбедност на САД (ДХС) потврди дека агент на Имиграциската и царинска служба (ИЦЕ) во средата застрелал државјанин на Венецуела за време на обид за апсење.
Снимките објавени на социјалните мрежи ја покажуваат жестината на немирите, при што се гледа како поединци со црвен спреј испишуваат „Единствен добар агент е мртов агент“ на возило за кое се верува дека го користеле федерални службеници.
Возилото, чии прозорци наводно биле искршени, а надворешните панели оштетени, било испишано и со слогани против ИЦЕ.
Началникот на полицијата Брајан О’Хара изјави дека состојбата прераснала во „незаконски дејства“, вклучително и фрлање пиротехнички средства кон полицајците, по што силите за безбедност употребиле шок-бомби и солзавец за растерување на толпата.
„Ова веќе е многу напната ситуација и не ни треба дополнително влошување“, изјави О’Хара, апелирајќи до јавноста да ја напушти областа.
Гувернерот Тим Волц апелираше за смиреност, предупредувајќи дека насилството ќе им оди во прилог на оние што бараат поделба.
„Знам дека сте лути. И јас сум лут. Но Минесота ќе остане остров на пристојност, правда, заедништво и мир“, напиша Волц на американската платформа за социјални медиуми X.
Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, го осуди насилството, но повторно повика федералните агенти да го напуштат градот, оценувајќи дека нивното присуство „создава хаос“ наместо безбедност.
Немирите следуваат по смртоносното пукање минатата недела кога 37-годишната Американка Рене Никол Гуд, мајка на три деца, беше смртно застрелана од агент на ИЦЕ откако, според наводите, го оставила својот син во училиште.
Иако министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем тврди дека Гуд се обидела да го „употреби своето возило како оружје“ пред агентот да отвори оган за да „се одбрани“, локалните власти остро го оспоруваат образложението за самоодбрана во услови на распоредување на илјадници федерални агенти во државата.
Од ДХС, пак, тврдат дека агентот инволвиран во најновото пукање испукал истрели во одбрана откако бил нападнат од три лица со лопата за снег и рачка од метла.
