свет

„Ако Иран, Турција и С. Арабија бидат рамо до рамо, нештата во регионот може целосно да се променат“

Ахмадинеџад, кој пред актуелниот претседател Хасан Рохани во два мандата ја извршуваше таа функција (2005 - 2013), за АА говореше за актуелните случувања во регионот, Договорот за нуклеарната програма и претседателските избори во Иран.

Muhammet Kurşun   | 07.05.2021
„Ако Иран, Турција и С. Арабија бидат рамо до рамо, нештата во регионот може целосно да се променат“ ( Foto: Fatemah Bahrami / Anadolu Agency )

ТЕХЕРАН (АА) - МУХАМЕТ КУРШУН -

Поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад во интервју за Агенција Анадолија (АА) рече дека Иран, Турција и Саудиска Арабија имаат многу повеќе заеднички точки отколку прашања за кои се спорат. Порача дека нештата во регионот можат многу лесно да се променат ако тие три земји дејствуваат единствено и бидат рамо до рамо. Ахмединеџад не ја исклучи можноста да се кандидира на претстојните претседателски избори на 18 јуни.

Ахмадинеџад, кој пред актуелниот претседател Хасан Рохани во два мандата ја извршуваше таа функција (2005 - 2013), за АА говореше за актуелните случувања во регионот, Договорот за нуклеарната програма и претседателските избори во Иран.

Тој истакна дека ги поддржува преговорите меѓу Иран и Саудиска Арабија.

„Ако Иран, Турција и Саудиска Арабија бидат рамо до рамо и дејствуваат единствено, лицето на регионот во целост ќе се промени. Тоа може да се случи многу лесно. Помеѓу трите земји има десетици пати повеќе заеднички точки од прашањата околу кои се спорат. Ако тие заеднички точки ги зајакнеме, сè ќе биде полесно“, порача Ахмединеџад.

Додаде дека во таа смисла многу е значаен и Процесот од Астана за сириската криза кој го водат Турција, Иран и Русија.

„Иран, Турција и Русија можат да помогнат во воспоставувањето мир во Сирија. На тој начин може да надвладее волјата на сирискиот народ. Ако народите и земјите во регионот можат да бидат пријателски настроени, ќе се појави голема моќ. Не хегемонистичка, туку моќ која ќе му служи на светскиот мир“, појасни Ахмединеџад.

- Иран и САД можат да склучат нови договори -

Зборувајќи за проблемите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД), Ахмединеџад истакнува дека властите немаат право да ја блокираат комуникацијата меѓу народите, потсетувајќи дека за време на неговиот прв мандат испратил писмо до американската администрација за воспоставување директни летови на релацијата Техеран - Њујорк.

„Ако постои проблем меѓу Иран и САД, дали тоа треба да биде пречка во односите меѓу народите? Кој и од кого добива такво право и овластувања? Ова е сериозно прашање што треба да им се постави на луѓето. Ако им се постави такво прашање, тие ќе речат дека се за комуникација. Бидејќи луѓето имаат право да воспоставуваат економски, културни, научни и социјални врски и да патуваат“, рече Ахмединеџад.

Смета дека нема никаква штета од тоа да има летови од кој било дел на САД кон кој било дел на Иран, и додава дека повеќето Американци сакаат да го видат Иран, исто како што и голем број негови сограѓани сакаат да ги посетат САД. Тој нагласи дека во тоа не гледа никаков проблем, и тоа, според него, може да помогне во решавањето на проблемите меѓу државите.

Техеран и Вашингтон соработуваа во минатото и се договараа за различни прашања, а тоа, како што рече, може да се случи и сега.

„Иран и САД можат да склучат нови договори. Она што е клучно е соработката заснована на правда и почитување. Ако постои пријателство и мир, зошто да не. Тоа не значи дека Иран и САД ќе соработуваат против интересите на народите во регионот. Соработката не треба да биде против ниедна земја или народ. На пример, турското пријателство со САД не беше против Иран. Бевме пријатели со Турција, пријатели сме и денес“, рече Ахмединеџад.

Кога станува збор за Договорот за нуклеарната програма, Ахмединеџад смета дека од него нема корист за земјата, дека не може да ги реши проблемите. Истакнува дека Иран и САД уште повеќе се оддалечиле во последните пет години од потпишувањето на овој договор.

- Критики кон Владата на Иран -

Осврнувајќи се на претстојните претседателски избори во Иран, Ахмединеџад тврди дека Владата на Хасан Рохани по осум години сака да извлече резултати од преговорите во Виена и дека сегашната администрација, користејќи ја ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, се заложува за одложување на изборите.

На прашањето на новинарот на АА дали размислува да се кандидира на претседателските избори оваа година, Ахмединеџад не ја исклучи таа можност:

„Сè уште немам изразено мислење во врска со тоа. Ќе почекаме. Отсекогаш сум ги бранел правата на луѓето. Го кревав гласот кога воочував ситуација спротивна на националните интереси и хуманитарните вредности. Изборната атмосфера е многу мирна, никогаш не била таква. Како ќе биде сè, зависи од развојот на настаните.“

Ахмединеџад се осврна и на пандемијата на Ковид-19, упатувајќи критики на сметка на иранската Влада поради, како што рече, несоодветната борба против Ковид-19.

„Во Иран нема силно и компатибилно справување со вирусот. Не се користат потенцијалот и можностите на здравствениот персонал во земјата. Отпосле дознаваме дека некои работи не се онакви какви што се претставуваат. Гледаме дека одлуките не се носат координирано. Мислам дека е толку тешко да се воведат вакцини“, порача Ахмединеџад.

Тврди дека објавените податоци за бројот на заразени и смртни случаи од Ковид-19 не се реални.

„Ги намалуваат бројките, па и ги зголемуваат. Тие исто така кажаа дека вистинските бројки се двојно поголеми од објавените. На сцената имаме интересна состојба на ужасот. Стравот го ослабува имунитетот на организмот. Еден ден велат дека вакцините доаѓаат, следниот ден дека ги нема. Некогаш велат дека вакцината е ефикасна, некогаш дека мора да се придржувате до епидемиолошките мерки дури и ако ја примите. Не постои јасна метода за создавање на чувство на одговорност“, рече Ахмединеџад.

Истакна дека е можно иранските власти да примиле вакцина, па дека затоа се однесуваат целосно опуштено.

„Ако објавените бројки се точни, тоа би требало да значи земјотрес за оние што ја водат земјата. Ако не се точни, многу е лошо да се споделуваат неточни податоци имајќи други цели“, рече Ахмединеџад. Тој упати критики и на сметка на Светската здравствена организација (СЗО). Изнесе и тврдење дека постои можност Ковид-19 да е произведен за политички цели.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.