Шангајска организација за соработка: Едностраните санкции некомпатибилни со меѓународното право
- Земјите членки на Шангајската организација за соработка (ШОС) денес порачаа дека едностраните санкции се некомпатибилни со меѓународното право и имаат негативно влијание на третите земји и глобалните економски односи

ИСЛАМАБАД (АА) - Земјите членки на Шангајската организација за соработка (ШОС) денес порачаа дека едностраните санкции се некомпатибилни со меѓународното право и имаат негативно влијание на третите земји и глобалните економски односи, јавува Анадолу.
Во заедничко соопштение усвоено на 23. Самит на шефови на влади на ШОС во пакистанската престолнина Исламабад, членовите на оваа организација ја потврдија својата посветеност за мирно решавање на разликите и споровите меѓу земјите преку дијалог и консултации.
Тие се противат на протекционистичките акции, едностраните санкции и трговските ограничувања за кои велат дека го поткопуваат мултилатералниот трговски систем и го попречуваат глобалниот одржлив развој.
Декларацијата повика на развој на понатамошната соработка во сферите на политиката и безбедноста, трговијата, економијата, финансиите и инвестициите, како и културните и хуманитарните врски со цел да се изгради мирна, безбедна, просперитетна и еколошки чиста планета Земја за да се постигне хармоничен соживот на човекот и природата.
Шефовите на влади на ШОС укажаа на „тектонските“ промени во глобалната економија, кои се карактеризираат со брз напредок и меѓусебна поврзаност во областите на информатичката технологија, дигитализацијата, вештачката интелигенција, виртуелните/дигиталните средства и е-трговијата.
Тие повикаа на почитување на правото на народот самостојно и демократски да го избира својот политички, социјален и економски развој, нагласувајќи ги принципите на меѓусебно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државите.
Тие, исто така, изразија загриженост за влошувањето на различните предизвици кои доведоа до намалени инвестициски текови, нарушени синџири на снабдување и несигурност на глобалните финансиски пазари како резултат на протекционистичките мерки и други бариери за меѓународната трговија.
Следниот состанок на Советот на шефови на влади на земјите членки на ШОС ќе се одржи во Русија во 2025 година.
- Прекин на огнот во Газа
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој претседаваше со самитот, повика на итен прекин на огнот во Газа.
Во своите завршни зборови, Шариф истакна дека независна палестинска држава е од суштинско значење за мирот на Блискиот Исток.
Тој ја повика меѓународната заедница да одигра улога во ставањето крај на израелската бруталност во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.