свет

Турција: Потегот на Грција во Јонското Море не влијае на Егејот

„Ставот на Турција дека територијалните води во Егејското Море не треба еднострано да бидат проширени на начин што би ја ограничил слободата на навигација“, истакна Аксој

Seda Sevencan   | 21.01.2021
Турција: Потегот на Грција во Јонското Море не влијае на Егејот

АНКАРА (АА) - Проширувањето на Грција на територијални води во Јонското Море не влијае на Егејското Море, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Проширувањето на територијалните води во Јонското Море на 12 наутички милји од страна на Грција достигнува на југ од полуостровот Пелопонез и на никаков начин не влијае на Егејското Море“, одговори Аксој на прашање за оваа тема.

Аксој нагласи дека Турција има витални права и интереси во полузатвореното Егејско Море, каде што преовладуваат посебни географски услови.

„Ставот на Турција дека територијалните води во Егејското Море не треба еднострано да бидат проширени на начин што би ја ограничил слободата на навигација, како и пристапот до отворено море и за Турција и за трети земји, е добро познат за сите страни.“

Аксој додаде дека ставот на Турција останува непроменет.

Грчкиот Парламент вчера го усвои Нацрт-законот со кој се овозможува зголемување на територијалните води на Грција во Јонското Море од 6 на 12 наутички милји.

Грција потпиша договори за Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) со Италија на 9 јуни и со Египет на 7 август.

Декретот за затворање на заливите и обележување на линија во подрачјето на Јонското Море и Јонските Острови до Кејп Таинаро на Пелопонез стапи на сила на 27 декември, откако беше објавен во грчкиот службен весник.

Нацрт-законот беше доставен до Парламентот на 9 јануари за дискусија од пратениците.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во вторникот рече дека се води дебата за проширувањето на територијалните води покрај источниот дел на островот Крит.

Минатиот август, премиерот Кирјакос Мицотакис изјави дека Владата планира да поднесе нацрт-закон за двојно зголемување на грчките територијални води во Јонското Море.

„Во иднина, Грција е можно да ги прошири своите територијални води и во други поморски области“, додаде тој.

Во средината на 1990-тите години, Грција направи обид за проширување на територијалните води во Егејското Море на 12 милји, но се повлече од планот откако Турција се огласи дека таквиот потег ќе биде касус бели, или потег кој ќе предизвика војна.

Турција и Грција треба да започнат со технички преговори на 25 јануари во Истанбул со цел да ги решат поморските спорови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın