свет

Трамп по средбата со Ал-Шара: САД ќе направат сè што можат за Сирија да биде успешна

– САД ќе ги преземат сите можни чекори за да ѝ помогнат на Сирија на нејзиниот пат по децении владеење на семејството Асад, изјави вчера претседателот Доналд Трамп по средбата со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара

Michael Gabriel Hernandez  | 11.11.2025 - Обновена : 11.11.2025
Трамп по средбата со Ал-Шара: САД ќе направат сè што можат за Сирија да биде успешна

ВАШИНГТОН (АА) – САД ќе ги преземат сите можни чекори за да ѝ помогнат на Сирија на нејзиниот пат по децении владеење на семејството Асад, изјави вчера претседателот Доналд Трамп по средбата со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, јавува Анадолу.

Обраќајќи се пред новинарите по речиси двочасовната средба во Белата куќа со сирискиот претседател Ал-Шара, Трамп рече дека неговата администрација ќе „направи сè што може за Сирија да биде успешна“, пофалувајќи го Шара како „многу силен лидер“.

„Тој доаѓа од многу тешко место, и е цврст човек. Ми се допадна. Добро се разбирам со него, со претседателот, новиот претседател на Сирија“, изјави Трамп во Овалната соба.

Американскиот претседател најави дека ќе следуваат нови објави во врска со Сирија, но не откри детали, велејќи само: „Сакаме да ја видиме Сирија како успешна држава, а мислам дека овој лидер може да го постигне тоа“.
„Тој имаше тешко минато. Искрено, ако немаше такво искуство, немаше да има ни шанса. Многу добро се разбира со Турција, со претседателот (Реџеп Таип) Ердоган, кој е одличен лидер. Ердоган е голем лидер и силно го поддржува тоа што се случува во Сирија. Мораме да ја направиме Сирија функционална“, додаде Трамп.

„Сирија е голем дел од Блискиот Исток, и можам да ви кажам дека работите одат во добра насока. Работиме и со Израел за подобрување на односите со Сирија, и со сите. И тоа функционира неверојатно добро“, изјави американскиот лидер.

Посетата на Шара претставува прва посета на сириски претседател на Белата куќа откако земјата ја стекна независноста пред речиси 80 години.

Очекувано, средбата меѓу двајцата лидери се фокусираше на можноста за укинување на санкциите што САД ги воведоа за време на владеењето на режимот на Асад – мерки кои сериозно ја ослабнаа сириската економија.

Се разговараше и за вклучување на Дамаск во коалицијата против ДЕАШ, како и за потенцијални разговори за нормализација со Израел – една од целите кои Трамп јавно ги споменуваше.

Белата куќа засега не објави официјално соопштение за резултатот на средбата.

Администрацијата на Трамп претходно презеде низа мерки за олеснување на дипломатскиот и економскиот притисок врз Сирија и нејзиниот лидер, вклучувајќи делумно укинување на некои санкции.

Процесот на укинување на американските санкции Трамп го започна по нивната прва средба во мај, одржана во Саудиска Арабија. По таа средба, Трамп го опиша сирискиот претседател како „млад, привлечен и силен човек со цврст карактер“, најавувајќи драматичен пресврт во односите меѓу двете држави по децении непријателство за време на владеењето на семејството Асад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.