Трамп: Луѓето во Газа гладуваат, но ќе го решиме тоа
Од 2 март, Израел ги држи граничните премини на Газа затворени за храна, медицинска и хуманитарна помош, продлабочувајќи ја веќе влошената хуманитарна криза во енклавата

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека луѓето во Појасот Газа гладуваат и вети дека ќе го реши тоа, пренесува Анадолу.
„Сакаме да се грижиме за луѓето. Погледнете, луѓето гладуваат“, изјави Трамп за Фокс њуз во Абу Даби, последната етапа од неговата турнеја низ трите земји од Блискиот Исток.
„Едно од нештата што ми ги кажа еден од тројцата големи лидери што ги видов пред две ноќи е: „Ве молам помогнете им на луѓето, на Палестинците“, рече Трамп. „Тој рече дека гладуваат и го мислеше тоа од срце... па веќе почнав да работам на тоа. Тоа е длабок проблем, но ќе го решиме“, додаде тој.
Од 2 март, Израел ги држи граничните премини на Газа затворени за храна, медицинска и хуманитарна помош, продлабочувајќи ја веќе влошената хуманитарна криза во енклавата.
Трамп рече дека Газа е „непријатно“ место.
„Така е со години. Мислам дека треба да стане слободна зона, знаете, слобода, јас ја нарекувам зона на слободата“, додаде тој.
На прашањето дали е фрустриран од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп рече: „Не, видете, тој има тешка ситуација“.
Трамп рече дека Нетанјаху е „лут човек“ и „треба да биде, поради 7 октомври, и е многу повреден од тоа“.
Претседателот првпат го изнесе својот предлог САД да ја преземат контролата врз Газа во февруари. Планот беше широко отфрлен од земјите низ светот, но американскиот претседател продолжи да го покренува тоа прашање спорадично во текот на изминатите три месеци.
Израелската армија спроведува офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, во којашто загинаа 53.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.