свет

Тајланд го суспендираше мировниот договор со Камбоџа по нова експлозија на мина

„Сите активности предвидени со Заедничката декларација за тајландско-камбоџански односи, потпишана во Куала Лумпур на 26 октомври, мора веднаш да запрат“, изјави тајландскиот премиер Анутин Чанвиракул, според тајландскиот јавен радиодифузен сервис.

Saadet Gökce  | 10.11.2025 - Обновена : 11.11.2025
Тајланд го суспендираше мировниот договор со Камбоџа по нова експлозија на мина

ИСТАНБУЛ (АА) – Тајланд денес го суспендираше мировниот договор со Камбоџа, откако тајландски војници беа сериозно повредени во нова експлозија на мина во погранична провинција, јавува Анадолу.

„Сите активности предвидени со Заедничката декларација за тајландско-камбоџански односи, потпишана во Куала Лумпур на 26 октомври, мора веднаш да запрат“, изјави тајландскиот премиер Анутин Чанвиракул, според тајландскиот јавен радиодифузен сервис.

На 26 октомври, двете земји потпишаа мировен договор во Куала Лумпур, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп и малезискиот премиер Анвар Ибрахим.

Камбоџа и Тајланд претходно се согласија за безусловен прекин на огнот на 28 јули, на трилатералната средба организирана од Анвар, по неколкунеделни тензии и вооружени инциденти покрај границата.

„Непријателствата за кои се надевавме дека ќе стивнат, очигледно не престанале. По утринскиот инцидент, соработката не може да продолжи засега“, рече Анутин.

Експлозијата на мината се случила утринава, за време на рутинска патрола на војници во пограничната провинција Си Са Кет.

Двајца војници биле повредени – едниот го загубил десното стапало, а другиот се здобил со повреди на градниот кош.

Анутин изјави дека понатамошниот напредок во односите ќе зависи исклучиво од тоа дали тоа ќе биде во интерес на Тајланд.

Министерот за одбрана, генерал Натапхон Накпанич, најави дека ќе бидат поднесени формални протести до Камбоџа.

„Што се однесува до прашањето за воените заробеници, тоа моментално ќе биде ставено во мирување. Доколку се утврди дека инцидентот бил намерен, ќе следуваат посериозни последици“, додаде тој.

Портпаролот на Владата, Сирипонг Ангкасакулкијат, рече дека „е прерано да се каже“ дали суспензијата ќе биде неограничена.

„Откако ќе биде поднесен протестот, ќе ги процениме нашите следни чекори“, додаде тој.

Во меѓувреме, Камбоџа преку дневниот весник „Кмер тајмс“ ја потврди својата посветеност на неодамна потпишаната Заедничка декларација за мир, соработка и просперитет во Куала Лумпур.

Заменик-министерот за одбрана, генерал-лајтнант Рат Дарарот, изјави дека Пном Пен останува посветен на исполнување на своите обврски и е подготвен да соработува со Тајланд „за заемна корист на двете земји и нивните народи“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.