свет

Пентагон и xAI на Маск постигнаа договор за користење на Грок во класифицирани системи

- Новиот договор ѝ овозможува на xAI да го распореди својот модел на вештачка интелигенција Грок во класифицирани воени системи во услови на тензии со актуелниот снабдувач Антропик, според американски медиуми

Seyit Şamil Kurt  | 24.02.2026 - Обновена : 24.02.2026
Пентагон и xAI на Маск постигнаа договор за користење на Грок во класифицирани системи

ИСТАНБУЛ (AA) - Компанијата за вештачка интелигенција xAI на Илон Маск потпиша договор со кој се дозволува нејзиниот модел Грок да се користи во класифицирани воени системи, објави Аксиос, повикувајќи се на претставник на одбраната, пренесува Анадолу.

Договорот му овозможува на Грок пристап до системи што се користат за некои од најчувствителните анализи на разузнавачки податоци на војската, развој на оружје и операции на бојното поле, според Аксиос.

Досега моделот Клод на Антропик беше единствениот систем на вештачка интелигенција достапен во тие класифицирани средини. Пентагон е во спор со Антропик околу заштитните механизми вградени во неговиот модел.

Антропик го одбил барањето од Пентагон да го направи Клод достапен за „сите законски намени“, особено спротивставувајќи се на неговата употреба за масовен надзор на Американците и за развој на целосно автономно оружје. Наспроти тоа, xAI се согласил со стандардот „сите законски намени“ што го бара Министерството за одбрана, објави Аксиос.

Сѐ уште не е јасно дали Грок може целосно да го замени Клод во класифицираните системи или колку долго би траела таквата транзиција. Клод е интегриран во одредени одбранбени операции преку партнерства, вклучително и работа спроведена со Палантир.

Се очекува министерот за одбрана Пит Хегсет денес да се сретне со извршниот директор на Антропик, Дарио Амодеи, во Пентагон, на, како што извори изјавиле за Аксиос, потенцијално напната средба. Претставник на одбраната му изјавил на медиумот дека се очекува Хегсет да му постави ултиматум на Антропик, додека одделот размислува да ја означи компанијата како „ризик во синџирот на снабдување“ доколку одбие да ги отстрани своите заштитни механизми.

Претставници на одбраната признаа дека замената на Клод во класифицираните системи би била технички сложена.

Грок, заедно со Џеминај на Гугл и ЧатГПТ на ОпенЕј-ај, веќе е достапен во некласифицираните системи на војската. Гугл и ОпенЕј-ај исто така водат разговори со Пентагон за проширување на нивните модели во класифицирани средини.

Извештајот, исто така, наведува дека Пентагон неодамна го забрзал контактирањето со ОпенЕј-ај за да ги оживее преговорите, иако еден извор рекол дека страните не се блиску до договор поради сложени прашања. Друг извор потврдил дека разговорите се интензивирале.

„Њујорк тајмс“ претходно објави дека Гугл е блиску до постигнување договор за овозможување класифицирана употреба на Џеминај, додека ОпенЕј-ај не е блиску до договор. Претставник на одбраната, сепак, изјавил дека разговорите со двете компании продолжуваат и дека одделот очекува и двете на крајот да потпишат договори, под услов да го прифатат барањето за „сите законски намени“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın