свет

Министерството за здравство на Газа започна кампања за вакцинација на децата

Децата сочинуваат 47% од вкупното население на Газа, со бројка од околу 980.000, според податоците на Палестинското централно биро за статистика од април минатата година

Rania R.a. Abushamala  | 09.11.2025 - Обновена : 09.11.2025
Министерството за здравство на Газа започна кампања за вакцинација на децата Фото: Saeed M. M. T. Jaras/АА

ГАЗА ГРАД/ИСТАНБУЛ (АА) – Министерството за здравство на Газа денес започна кампања за надомесна вакцинација на децата под тригодишна возраст кои ја пропуштиле основната вакцинација поради двегодишната војна на Израел во енклавата, јавува Анадолу.

Илјадници Палестинци ги донесоа своите деца во медицинските центри и здравствените пунктови одредени од Министерството за да ги примат вакцините и да го зајакнат имунитетот на своите деца, извести новинарот на Анадолу.

Децата сочинуваат 47% од вкупното население на Газа, со бројка од околу 980.000, според податоците на Палестинското централно биро за статистика од април минатата година.

Министерството соопшти дека кампањата се спроведува во соработка со Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) и Палестинското друштво на Црвената полумесечина, со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

Во петокот УНРВА соопшти дека кампањата има за цел да опфати 44.000 деца во Газа за животоспасувачки вакцини и спроведување скрининзи за неисхранетост.

Агенцијата во своето соопштение истакна дека извештаите покажуваат дека едно од пет деца во Газа ги пропуштило основните вакцини.

Кампањата е предвидено да трае 10 дена и ќе се спроведува во три фази, со интервал од еден месец, истакна Министерството за здравство.

За време на израелската војна, Министерството за здравство, во соработка со меѓународни организации, започна две итни акции за вакцинација против детска парализа, првата на 1 септември 2024 година, а втората на 22 февруари 2025 година.

Според најновите податоци од Министерството, недостигот на основни лекови надминува 56%, додека недостигот на медицински материјали достигнува околу 65%.

Канцеларијата за медиуми во Газа го обвини Израел дека го спречува влезот на лекови и медицински материјали во Газа, кршејќи го договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври.

Израел уби повеќе од 69.000 Палестинци, претежно жени и деца, и повреди над 170.600 во бруталните напади во Газа од октомври 2023 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.