Мета лансираше посебна апликација за вештачка интелигенција
Новата апликација нуди поперсонализирани одговори со користење на контекстот и податоците од профилите на корисниците на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи и споделени информации и содржини

ИСТАНБУЛ (АА) - Мета, матичната компанија на Фејсбук, соопшти дека вчера лансирала бесплатна самостојна апликација за вештачка интелигенција за својот Мета АИ-асистент, приклучувајќи се кон растечкиот бран на нови апликации за вештачка интелигенција, јавува Анадолу.
Самостојната апликација има за цел да го прошири досегот на Мета АИ надвор од нејзината интеграција во ВатсАп, Инстаграм, Фејсбук и Месинџер, според компанијата.
Новата апликација нуди поперсонализирани одговори со користење на контекстот и податоците од профилите на корисниците на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи и споделени информации и содржини.
Корисниците на очилата Реј-Бан Мета можат да се вклучат во апликацијата на очилата и да ја продолжат конверзацијата на апликацијата подоцна. Апликацијата, исто така, нуди демо-верзија на гласовен асистент со подобрени конверзациски одговори, но нема интернет-конекција или пристап до податоци во реално време, соопшти компанијата.
„Апликацијата ‘Мета АИ’ вклучува ‘Дискавер фид’, место за споделување и истражување како другите ја користат вештачката интелигенција. Можете да ги видите најдобрите промптови (наредби, предлози) што луѓето ги споделуваат или да ги ремиксирате за да ги направите ваши“, додаде компанијата.
Апликацијата е зајакната од моделот Llama 4 на Мета, претставен претходно овој месец, кој се продава како поекономична опција во споредба со конкурентите како ЧатЏиПиТи, ДипСиК и Џемини.
Мета АИ е интегрирана во Фејсбук, Инстаграм, Месинџер и ВатсАП од 2023 година, акумулирајќи речиси 600 милиони месечни корисници до декември.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.