свет

Мајкрософт ги прекина услугите за израелска воена единица поради обвиненија за масовен надзор

„Сакам да ве известам дека Мајкрософт ги прекина и оневозможи одредени услуги за една единица во рамките на Министерството за одбрана на Израел“

Asiye Latife Yılmaz  | 26.09.2025 - Обновена : 26.09.2025
Мајкрософт ги прекина услугите за израелска воена единица поради обвиненија за масовен надзор

ИСТАНБУЛ (АА) – Американската компанија Мајкрософт денес соопшти дека ги прекинала услугите за израелска воена единица која управувала со систем за надзор на милиони телефонски повици на Палестинци во Појасот Газа и на Западниот Брег, јавува Анадолу.

„Сакам да ве известам дека Мајкрософт ги прекина и оневозможи одредени услуги за една единица во рамките на Министерството за одбрана на Израел“, соопшти денес потпретседател и претседател на компанијата, Бред Смит.

Смит го истакна објавувањето на почетокот на прегледот по извештајот на „Гардијан“ од 6 август во кој се тврди дека „ИДФ (израелската војска) го користи Азур за складирање на датотеки со податоци од телефонски повици добиени преку широк или масовен надзор на цивилите во Газа и на Западниот Брег“.

Азур е платформата за 'cloud computing' (обработка во облак) на „Мајкрософт“.

„Прво, ние не обезбедуваме технологија за олеснување на масовниот надзор на цивили. Го применуваме овој принцип во секоја земја низ целиот свет и постојано инсистираме на тоа повеќе од две децении“, се вели во соопштението.

Компанијата ја нагласи својата посветеност на приватноста на корисниците, наведувајќи дека „во ниту еден момент Мајкрософт не пристапил до содржината на клиентите на ИМОД (израелското Министерство за одбрана).“

Компанијата соопшти дека го спровела својот преглед според своите принципи, политики и договори, фокусирајќи се исклучиво на интерните записи, вклучувајќи финансиски и комуникациски документи.

Прегледот откри докази што поддржуваат делови од извештајот на „Гардијан“, вклучувајќи ја употребата на складирањето на Азур во Холандија од страна на ИМОД и услугите за вештачка интелигенција.

„Го информиравме Министерството за одбрана на Израел за одлуката на Мајкросфт да прекине и оневозможи одредени претплати и услуги, вклучително и нивното користење на складирање во облак (clоud storage) и технологии за вештачка интелигенција“, рече Смит.

Тој додаде дека одлуката не влијае на кибербезбедносната поддршка што Мајкрософт продолжува да ја обезбедува за Израел и други земји на Блискиот Исток, вклучително и во рамките на Авраамските договори – низа договори посредувани од САД за нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски и муслимански земји.

Смит се заблагодари на „Гардијан“ за објавениот извештај и нагласи дека ревизијата е сè уште во тек, најавувајќи повеќе детали во наредните денови и недели.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın