свет

Кремљ: Мировен договор треба да се постигне со Украина, а не со САД

„Во исто време разбираме дека основните причини за украинската криза се премногу сложени за да се решат преку ноќ. Постојат многу нијанси што треба да се земат предвид“

Burç Eruygur  | 30.04.2025 - Обновена : 30.04.2025
Кремљ: Мировен договор треба да се постигне со Украина, а не со САД

ИСТАНБУЛ (АА) – Кремљ денес соопшти дека мировниот договор во врска со војната меѓу Русија и Украина треба да се постигне со Киев, а не со Вашингтон, еден ден откако Соединетите Американски Држави (САД) предупредија дека ќе се повлечат од улогата посредник доколку не се забележи напредок, јавува Анадолу.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, говорејќи на едукативен настан во Москва, изјави дека Русија им е благодарна на САД за напорите да посредуваат во постигнувањето мир со Украина и оти се надева дека тие обиди ќе бидат успешни.

Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за предлози за ова прашање и дека Москва разбира дека САД сакаат да постигнат брзи резултати во овој процес.

„Во исто време разбираме дека основните причини за украинската криза се премногу сложени за да се решат преку ноќ. Постојат многу нијанси што треба да се земат предвид“, додаде тој.

„Мировниот договор мора да се склучи со Украина, а не со Америка“, додавајќи дека ако е потребно, може да се воспостават директни контакти помеѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

Портпаролот рече дека Путин продолжува да биде отворен за политички и дипломатски средства за решавање на војната меѓу Русија и Украина, тврдејќи дека не слушаат никаква реакција од Киев за ова прашање.

Тој, исто така, нагласи дека е „апсолутно невозможно“ да не се земе предвид моментната ситуација на терен при разговорите за мировно решение, повторувајќи дека Русија останува отворена за директни преговори со Украина без предуслови.

„За жал, сè уште немаме слушнато никакви изјави или коментари од Киев, така што не знаеме дали тие се подготвени за ова или не“, рече тој.

Коментирајќи ја објавата на Трамп на Truth Social од саботата, Песков рече дека Путин ја поддржува иницијативата за прекин на огнот во Украина, но дека постои „цел спектар на нијанси“ што треба да се решат.

Во објавата, која е направена додека траеја руски ракетни напади врз неколку украински градови, Трамп рече дека „нема никаква причина“ за тие напади, а, според него, изгледало дека Путин можеби не сака да ја прекине војната, туку само го „завлекува“.

Во вторникот американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека Вашингтон ќе се повлече од улогата посредник во мировните преговори ако не види „конкретни предлози“ од Москва и Киев за завршување на конфликтот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.