свет

Компанијата ОпенАИ го претстави новиот интернет-пребарувач со вештачка интелигенција Чет џи-пи-ти Атлас

Пребарувачот е моментално достапен глобално за macOS на Епл, а наскоро ќе биде пуштен и за Виндоус, иОС и Андроид, соопшти компанијата

Efe Özkan  | 22.10.2025 - Обновена : 23.10.2025
Компанијата ОпенАИ го претстави новиот интернет-пребарувач со вештачка интелигенција Чет џи-пи-ти Атлас

ИСТАНБУЛ (АА) – Компанијата ОпенАИ, позната по својот водечки производ Чет џи-пи-ти, вчера го претстави новиот интернет-пребарувач со вештачка интелигенција под името Чет џи-пи-ти Атлас, кој претставува директен предизвик за гигантите како Гугл, јавува Анадолу.

Пребарувачот е моментално достапен глобално за macOS на Епл, а наскоро ќе биде пуштен и за Виндоус, иОС и Андроид, соопшти компанијата.

Во изјавата на ОпенАИ се наведува дека Атлас е „пребарувач со вграден Чет џи-пи-ти“, дизајниран да го претвори разговорниот помошник во „вистински супер помошник кој го разбира корисникот и му помага да ги постигне своите цели“.

„Со Атлас, Чет џи-пи-ти може да ве следи насекаде низ интернетот – да ви помага директно во прозорецот каде што работите, разбирајќи што се обидувате да направите и извршувајќи задачи без потреба од копирање, лепење или отворање нови страници“, се наведува во соопштението.

Атлас, исто така, има интегрирана меморија на Чет џи-пи-ти, што му овозможува да се потпира на претходни разговори и информации за да обезбеди покорисни и персонализирани одговори.

Пребарувачот е достапен за корисниците на Фри, Плус, Про и Го-плановите, додека „agent mode“ функцијата, која му овозможува на Чет џи-пи-ти да работи во рамките на контекстот на пребарувањето, моментално е достапна во прегледна верзија за Плус, Про и Бизнис-корисници.

Според изјавата на извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман, дадена претходно овој месец, Чет џи-пи-ти достигнал 800 милиони активни корисници неделно, што е двојно повеќе од бројката во февруари годинава.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.