свет

Иран за обновените американски санкции: Вашингтон осамен во своите тврдења

„САД останаа на погрешната страна од историјата и ги заборавија своите должности“

Muhammet Kurşun  | 20.09.2020 - Обновена : 21.09.2020
Иран за обновените американски санкции: Вашингтон осамен во своите тврдења

ТЕХЕРАН (АА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатиб Задех, по повторното воведување санкции од страна на Соединетите Американски Држави (САД) врз Иран, изјави дека Вашингтон е осамен во своите тврдења, пренесува Агенција Анадолија (AA).

Хатиб Задех во изјавата за иранските медиуми ја коментираше одлуката на САД за обновување на санкциите што беа укинати од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во рамките на нуклеарниот договор со Иран.

„САД останаа на погрешната страна од историјата и ги заборавија своите должности“, рече Хатиб Задех и додаде:

„САД се сами во своите тврдења. Иако САД се во центарот на моќта, тие станаа толку осамени што покажува колку е празна моќта на САД.“

Повикувајќи ја администрацијата на Вашингтон да се придружи на меѓународната заедница и да се врати на својата должност, Хатиб Задех рече дека американскиот државен секретар, Мајк Помпео, создал замислен свет за себе.

„Откако Помпео влезе во својот лажлив свет, не е воспоставена безбедност. Од чекорите на САД светот не виде ништо освен несигурност, војни и нестабилност“, порача Хатиб Задех.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека Иран не ги исполнува своите обврски од Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) и истакна дека ваквите отстапки ги зајакнувале режимите низ историјата.

„Од таа причина“, нагласи Помпео, „САД одлучија повторно да ги активираат санкциите што ги поништи СБОН и ќе ги применат сите санкции во резолуциите на Советот за безбедност 1696, 1737, 1747, 1803, 1835 и 1929.“

Американската администрација во мај 2018 година еднострано се повлече од договорот потпишан во 2015 година, по што започна да воведува санкции за Техеран.

Иран во јули 2019 година соопшти дека нема да се придржува до одредени точки од договорот, а на 5 јануари 2020 година властите соопштија дека земјата нема да се придржува до никакви ограничувања кога станува збор за збогатувањето ураниум, складирање на збогатен ураниум и истражување и развој на нуклеарната програма.

Иранските власти претходно изразија подготвеност да се вратат на договорот во случај да бидат укинати санкциите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın