Ирак, поради санкциите на САД, не може да го плати долгот од 2,6 милијарди долари на Иран
Ирачкото Министерство за електрична енергија наведе дека сумата што треба да му се исплати на Иран е околу 2,6 милијарди долари и дека не може да се плати поради американското ембарго воведено врз Иран од 2018 година

ИСТАНБУЛ (АА)- Ахмед ал-Ибади, портпаролот на ирачкото Министерство за електрична енергија, во изјавата за ирачкиот полудржавен весник „Ес-Сабах“ (es-Sabah) се осврна на насобраните долгови од природниот гас увезен од Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Ибади информираше дека долгот од природен гас увезен од Иран не може да се плати поради американското ембарго воведено врз Иран од 2018 година.
Наведувајќи дека сумата што треба да му се исплати на Иран е околу 2,6 милијарди долари, Ибади рече дека трансферот на пари не може да се изврши од Багдад во Техеран.
„Иранската страна го намали дневниот извоз на природен гас од 50 милиони на 22 милиони кубни метри“, нагласи Ибади.
Тогашниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од претходниот нуклеарен договор со Иран во 2018 година и воведе ембарго за Техеран.
Администрацијата на Трамп му дозволи на Ирак, кој не беше во можност да ги исполни сопствените потреби за електрична енергија, да увезува природен гас од Иран и делумно го ослободи од ембаргото.