Ирак: Во немирите на протестите во Багдад потешко повредени 4 лица
Приврзаниците на шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр и денес протестираат во Багдад и се обидуваат да влезат во строго чуваната и со бетонска бариера оградена Зелена зона, а ирачките безбедносни сили интервенираа со солзавец и водени топови.
БАГДАД (АА) - Најмалку 4 лица се потешко повредени во немирите на протестите на влезот во строго чуваната Зелена зона во Багдад, известува Агенција Анадолија (АА).
Приврзаниците на шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр и денес протестираат во Багдад и се обидуваат да влезат во строго чуваната и со бетонска бариера оградена Зелена зона, а ирачките безбедносни сили интервенираа со солзавец и водени топови.
Во судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите потешко се повредени најмалку 4 лица.

Демонстрантите рано утрово се собраа на плоштадот Тахрир, а потоа почнаа да ги уриваат бариерите на патот кон Зелената зона во која се сместени ирачките институции и дипломатските претставништва во таа земја.
Во екот на политичката криза поради номинирањето кандидати за нов премиер во Ирак, демонстрантите пред три дена влегоа во Зелената зона и упаднаа во зградата на Парламентот.

Муктада ал-Садр, шиитски свештеник и лидер на движењето Садр во Ирак, ги повика демонстрантите да се повлечат од Зелената зона, што тие го сторија, но денес повторно излегоа на протести.
Координационата рамка, коалицијата на шиитската партија блиска до Иран, во почетокот на неделата го номинираше Мохамед ал-Судани за нов премиер на Ирак. На номинацијата на Ал-Судани се противи шиитскиот свештеник Ал-Садр, чија партија победи на минатогодишните општи избори во Ирак.
