Индонезија: Илјадници луѓе присуствуваа на одбележувањето на 15-годишнината од смртоносното цунами
Огромно цунами се формираше на 26 декември 2004 година по земјотресот со интензитет од 9,1 степен кој се случи во близина на островот Суматра. Огромен воден бран усмрти околу 230.000 луѓе во десетина земји.

БАНДА АЧЕХ - Илјадници луѓе се собраа во индонезиската провинција Ачех, по повод одбележувањето на 15-годишнината од цунамито во Индискиот Океан, една од најголемите природни катастрофи во современата историја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Огромно цунами се формираше на 26 декември 2004 година по земјотресот со интензитет од 9,1 степен кој се случи во близина на островот Суматра. Огромен воден бран усмрти околу 230.000 луѓе во десетина земји. Индонезиската провинција Ачех, која беше најблиска до земјотресното подрачје, беше прва на ударот на цунамито и претрпе најголеми последици.
Само во Индонезија загинаа повеќе од 170.000 луѓе, што е 3/4 од вкупниот број загинати во оваа природна катастрофа.
„Нема зборови со кои може да се опишат нашите чувства кога пред 15 години со очи полни солзи ги видовме мртвите тела на тлото. Сега можеме да видиме како луѓето во Ачех биле во состојба да ги надвладеат страдањата и повторно да се воздигнат, благодарение на сите Индонежани и на луѓето низ светот“, рече Нова Ириансјах, гувернерот на Ачех на церемонијата во Сигли, град во округот Пиди.
Преживеаните и голем број други присуствуваа на верските служби и комеморативните церемонии. Роднините на починатите, верските службеници и лидерите на заедниците, положија цвеќе на масовните гробници на жртвите од цунами во Банда Ачех, главниот град на провинцијата.
Продавниците и канцелариите беа затворени, на чамците не им беше дозволено да пловат, а знамињата на 26 и 27 декември ќе стојат спуштени на половина копје.
Индонезија, која е тло подложно на природни катастрофи, претставува огромен архипелаг со над 17.000 острови на кои живеат 260 милиони луѓе.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.