Илон Маск ја лансираше Грокипедија, за која тврди дека е алтернатива на Википедија
- Технолошкиот милијардер ја најави платформата овој месец на својата социјална мрежа X, објаснувајќи дека создавањето на енциклопедија базирана на вештачка интелигенција ќе биде „пресудно за цивилизацијата“ и „клучно за разбирање на универзумот“.
ИСТАНБУЛ (AA) – Американскиот бизнис-магнат Илон Маск вчера ја претстави Грокипедија, онлајн енциклопедија базирана на вештачка интелигенција, за која тврди дека ќе биде алтернатива на Википедија, јавува Анадолу.
Технолошкиот милијардер ја најави платформата овој месец на својата социјална мрежа X, објаснувајќи дека создавањето на енциклопедија базирана на вештачка интелигенција ќе биде „пресудно за цивилизацијата“ и „клучно за разбирање на универзумот“.
Маск изјави дека почнал да ја развива Грокопедија минатиот месец, по препорака на неговиот сојузник Дејвид Сакс – технолошки инвеститор и поранешен советник за вештачка интелигенција и криптовалути во администрацијата на Доналд Трамп – кој го охрабрил да создаде конзервативна алтернатива на непрофитната енциклопедија.
За разлика од Википедија, која се потпира на мрежа од волонтери уредници, Грокипедија користи автоматизиран систем – нејзините статии ги прегледува четботот Грок, создаден од компанијата xАИ на Маск.
Корисниците можат само да предложат исправки, но не и директно да уредуваат содржини.
Иако Маск вети дека Грок ќе престане да се потпира на Википедија до крајот на годината, многу од статиите сè уште содржат оградување дека нивната содржина е „адаптирана од Википедија, под лиценца Creative Commons Attribution-ShareAlike 4.0“.
- „Дури и на Грокипедија ѝ е потребна Википедија за да постои“
Раните споредби покажуваат значителни пропусти.
На пример, страницата на Доналд Трамп во Грокипедија ги изоставува контроверзиите наведени на Википедија, додека биографијата на самиот Маск не го споменува инцидентот со нацистички поздрав на митинг во јануари, кој „многу историчари и политичари го осудија“.
Фондацијата „Викимедија“, која ја управува Википедија, објави дека внимателно го следи развојот на новата платформа.
„Знаењето на Википедија е – и секогаш ќе биде – човечко“, соопштија од фондацијата, додавајќи дека „компаниите за вештачка интелигенција зависат од нашиот отворен и колаборативен модел.“
„Дури и на Грокипедија ѝ е потребна Википедија за да постои“, нагласија тие.
Со 885.000 статии во својата прва (0.1) верзија, Грокипедија влегува во онлајн просторот во кој Википедија – со над 7,1 милион статии на англиски јазик и статус на една од најпосетуваните веб-страници во светот – веќе две децении ја симболизира идејата за слободен и непрофитен интернет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
