Израелските војници влегоа во град во јужен Либан и убија општински службеник
- Израелските трупи напредувале кон градот Блида, во округот Марџајун, со воени и теренски возила, приближувајќи се речиси еден километар од границата, во „опасен и невиден напад“, соопшти државната новинска агенција ННА
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелските сили влегоа во град во јужен Либан и убија општински службеник во зградата на Општината за време на ноќен упад, јавија локални медиуми, пренесува Анадолу.
Државната новинска агенција ННА соопшти дека израелските трупи напредувале кон градот Блида, во округот Марџајун, со воени и теренски возила, приближувајќи се речиси еден километар од границата, во „опасен и невиден напад“.
Според извештаите, израелските војници упаднале во зградата на Општината во 1:30 часот по полноќ по локално време и таму убиле општински службеник.
Мештаните од областа пријавиле дека слушнале вресоци и повици за помош од зградата до повлекувањето на израелските сили, околу 4 часот наутро по локално време.
Телото на убиениот службеник било пренесено во болница од либaнската Армија, откако израелските сили се повлекле, јави агенцијата.
Израелската Армија сè уште нема дадено коментар за извештаите во медиумите.
Од почетокот на агресијата врз Либан во октомври 2023 година, израелската Армија убила повеќе од 4.000 лица и ранила речиси 17.000, според локални податоци.
Во ноември 2024 година беше постигнат прекин на огнот по повеќе од една година размена на напади меѓу Хезболах и Израел, кој, според податоците, Израел го прекршил повеќе од 4.500 пати.
Според договорот за примирје, израелската Армија требаше целосно да се повлече од јужен Либан во јануари оваа година, но изврши само делумно повлекување и сè уште одржува воено присуство на пет гранични позиции.
