Загадувањето на воздухот може да ја донесе „маглата убиец“ во големите градови
„Загадувањето на воздухот секоја година предизвикува смрт на 7 милиони лица, а 9 од 10 лица дишат загаден воздух“

АНКАРА (АА) - Доколку проблемот со загадувањето на воздухот продолжи да се влошува, големите градови во светот би можеле да се соочат со судбината на Лондон во 1952 година, кога 12.000 луѓе починаа како последица на густ смог кој го прекри градот, сметаат експертите, пишува Агенција Анадолија (АА).
На 5 декември 1952 година во Лондон се спушти најгустиот смог во историјата. Високиот притисок во временскиот систем предизвика студениот воздух да биде заробен под потоплиот воздух. Како резултат на тоа, емисиите од фабриките и пожарите не можеа да бидат ослободени во атмосферата и останаа заробени близу површината на земјата, предизвикувајќи ја најгустата и најзагадена магла во историјата на градот.
„Студениот воздух, повеќето горива користени за загревање, загадената магла и чад како последица на заробените загадувачи предизвикаа голема еколошка катастрофа“, изјави за АА Хусејин Торос, експерт за квалитетот на воздухот и атмосферата од Техничкиот универзитет во Истанбул.
Тој истакна дека доколку не се преземат потребните мерки, смртоносниот „Голем смог на Лондон“, кој за пет дена предизвика смрт на околу 4.000 до 12.000 лица, претежно деца, постари лица и лица со проблеми на респираторниот систем - може да биде судбина на другите поголеми градови во иднина.
„Во текот на изминатиот век, загадувањето на воздухот беше особено зголемено во зимскиот период како последица на интензивната и непланирана урбанизација, индустријализацијата, зголемувањето на бројот на моторни возила на фосилни горива и нискиот квалитет на горивото“, изјави тој.
Истакна дека загадувањето на воздухот е сериозен проблем кој негативно влијае врз животот на живите суштества во целина и предизвикува економска загуба како и физички оштетувања.
„Загадувањето на воздухот секоја година предизвикува смрт на 7 милиони лица, а 9 од 10 лица дишат загаден воздух“, изјави Торос, цитирајќи го извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).
Тој додаде дека речиси на еден милион животински и растителни видови им се заканува изумирање како резултат на злоупотребата на ресурсите.
Зборувајќи за квалитетот на воздухот во Турција, тој изјави дека загадувањето на воздухот било намалено во споредба со 1990-тите години, како резултат на користењето природен гас како енергетски извор и подобрувањата во индустрискиот сектор.
„Сепак, понекогаш и во некои области сè уште не сме во можност да ги исполниме граничните вредности на СЗО за честичките и загадувањето со азот диоксид“.
Тој рече дека луѓето можат да го подобрат квалитетот на воздухот со поефикасно користење на енергетските ресурси, со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, избегнување на непотребната потрошувачка и со намалување на отпадот.
„Извлекувањето и согорувањето на фосилните горива, предизвикувајќи зголемени емисии на јаглерод во атмосферата, е причина за климатските промени“, рече за АА, Патриша Малам, екоадвокат и виш експерт за комуникации за регионот на Пацификот.
Споменувајќи ја тесната поврзаност помеѓу климатските промени и загадувањето на воздухот, таа рече дека загадувачите многу придонесуваат за глобалното затоплување.
„Многу загадувачи на воздухот, вклучувајќи го и црниот јаглен, приземниот озон и сулфатните аеросоли, придонесуваат за климатските промени, влијаејќи на количината на Сончева светлина, која се одбива или апсорбира во атмосферата, придонесувајќи така во процесот на глобално затоплување“.
Таа рече дека загадувањето на воздухот ја зголемува фреквенцијата и јачината на природните непогоди, како што се сушите и поплавите, како и истребувањето на видовите и обичните заболувања кои би можеле да доведат до „пропаѓање на цели екосистеми, доколку ништо не се стори веднаш да се намалат емисиите на јаглерод“.
„Владите треба да се заложат веднаш да престанат со сите форми на поддршка кон индустријата за фосилни горива и да се префрлат кон 100 % обновливи извори на енергија за сите. Запрете ги сите нови проекти поврзани со јаглен, нафта и гас“.