свет

ЕБУ ќе гласа за учеството на Израел на Евровизија 2026 меѓу заканите за бојкот

Прашањето ќе биде разгледано на Генералното собрание на ЕБУ на 4 и 5 декември, каде што членовите ќе ги анализираат и новите промени во системот за гласање, објавени минатиот месец

Salih Okuroğlu, Muhammet İkbal Arslan  | 04.12.2025 - Обновена : 04.12.2025
ЕБУ ќе гласа за учеството на Израел на Евровизија 2026 меѓу заканите за бојкот

ЖЕНЕВА (АА) – Европската радиодифузна унија (ЕБУ) се очекува да гласа дали Израел ќе може да учествува на Евровизија 2026, додека контроверзиите околу улогата на земјата во натпреварот се продлабочуваат, јавува Анадолу.

Прашањето ќе биде разгледано на Генералното собрание на ЕБУ на 4 и 5 декември, каде што членовите ќе ги анализираат и новите промени во системот за гласање, објавени минатиот месец.

Промените имаат за цел зголемување на транспарентноста по обвиненијата дека израелската Влада се вмешала во натпреварот минатата година.

Портпаролот на Евровизија, Дејв Гудман, за Анадолу изјави дека членовите ќе треба да проценат дали реформите се доволни за надминување на загриженоста, без потреба од формално гласање.

„Членовите ќе гласаат за (учеството на Израел) само ако сметаат дека ажурирањата сами по себе не се доволни“, рече Гудман.

ЕБУ во ноември објави нови правила за спречување на прекумерни промотивни кампањи, особено оние финансирани од влади или државни институции.

На учесниците – емитери и уметници – им се забранува учество во кампањи од трети страни што би можеле да влијаат на резултатите.

Унијата предупреди дека секој обид за неправедно влијание врз гласањето ќе биде санкциониран.

Според новите правила, максималниот број гласови што може да ги даде поединец преку еден начин на плаќање (онлајн, СМС или телефон) се намалува од 20 на 10 за натпреварот во 2026 во Виена.

Професионалните жирија, пак, ќе се вратат во полуфиналињата за првпат од 2022 година, обновувајќи ја речиси рамнотежата на 50:50 меѓу жирито и публиката.

- Закани за бојкот -

Потенцијалното учество на Израел предизвика силни реакции низ Европа.

Шпанскиот емитер РТВЕ најави дека ќе се повлече од Евровизија 2026 доколку Израел не биде исклучен.

Холандскиот АВРОТРОС изјави дека не може да го поддржи учеството на Израел „имајќи ја предвид тешката хуманитарна трагедија во Газа“, додавајќи дека се докажало мешање на израелската Влада во натпреварот.

Словенечкиот РТВ исто така најави повлекување во знак на солидарност со Палестинците.

Исландскиот РУВ рече дека ќе го „преиспита“ своето учество доколку Израел настапи, а управниот одбор веќе побара официјално исклучување.

Ирскиот РТЕ соопшти дека нема да учествува ако му биде на Израел дозволено да се натпреварува, оценувајќи дека би било „недозволиво“ да се настапи во актуелните околности.

Но, дел од земјите го поддржуваат учеството на Израел.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека доколку Израел биде исклучен, Германија треба да се повлече од Евровизија, нарекувајќи ја самата дискусија за исклучување „скандал“.

Австрискиот јавен сервис ОРФ, кој ќе биде домаќин на Евровизија 2026, исто така застана зад учеството на Израел, наведувајќи дека земјата е „нераздвоен дел“ од натпреварот.

Евровизија 2026 е закажана за мај следната година во Виена.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.