Германија: Сè уште нема одлука за продажба на борбени авиони „Еурофајтер“ на Туркије
Министерството за економија појасни дека актуелната техничка Влада сè уште нема донесено одлука за ова прашање бидејќи вакви значајни прашања ќе ѝ бидат оставени за одлучување на новата влада

БЕРЛИН (АА) - Германската Влада вчера ги демантираше медиумските извештаи дека ставила вето на продажбата на борбени авиони „Еурофајтер“ на Туркије поради внатрешни политички причини, јавува Анадолу.
Министерството за економија појасни дека актуелната техничка Влада сè уште нема донесено одлука за ова прашање бидејќи вакви значајни прашања ќе ѝ бидат оставени за одлучување на новата влада што треба да стапи на функција следниот месец.
„Кога станува збор за клучни прашања поврзани со контролата на извозот на оружје, актуелната техничка Влада нема да донесува одлуки што би можеле да ја ограничат слободата на дејствување на новата влада“, изјави за Анадолу портпаролот на Министерството, Тим-Никлас Вентцел.
„Во принцип, не коментираме за внатрешните владини консултации“, додаде тој, осврнувајќи се на разговорите меѓу коалициските партнери.
Туркије, која располага со војска втора по големина во НАТО, планира да набави 40 борбени авиони „Еурофајтер“, кои заеднички ги произведуваат Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија.
Поради германското учество во производствениот процес, потребна е нејзина конечна согласност за реализација на продажбата.
Новата коалициска влада, предводена од лидерот на христијанските демократи, Фридрих Мерц, се очекува да ја преземе власта на почетокот на наредниот месец.
По постигнатиот договор меѓу христијанските демократи на Мерц и централнолевичарските социјалдемократи, коалицискиот договор сега е на одобрување кај партиските органи и членови.
Доколку биде ратификуван, германскиот Парламент би можел да го избере Мерц за канцелар уште на 6 мај и ќе го замени актуелниот канцелар Олаф Шолц.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.