свет

Германија и Полска потпишаа технолошки договор за напреден воен сателитски систем

- Сателитите САР овозможуваат континуиран надзор на теренот, дење и ноќе, во сите временски услови, користејќи радарска наместо оптичка технологија, што овозможува „гледање“ низ облаци, чад, дожд и темнина

Necva Taştan Sevinç  | 24.12.2025 - Обновена : 24.12.2025
Германија и Полска потпишаа технолошки договор за напреден воен сателитски систем

ИСТАНБУЛ (АА) – Германската одбранбена компанија „Рајнметал“ вчера соопшти дека потпишала договор за снабдување со технологија со полската технолошка компанија „САТИМ мониторинг сателитарни“, во рамките на програмата СПОК 1 – сателитски систем од новата генерација за извидување на германските вооружени сили, јавува Анадолу.

Според договорот, „САТИМ“ ќе има улога на технолошки снабдувач и ќе обезбеди способности базирани врз вештачка интелигенција за обработка на големи количини слики добиени преку синтетичка апертурна радарска технологија (САР), кои ќе се претвораат во употреблива разузнавачка информација за воените и одбранбените корисници.

Со овој договор формално се утврдува улогата на „САТИМ“ во проширувањето на сателитското извидувачко портфолио на „Рајнметал“.

Сателитите САР овозможуваат континуиран надзор на теренот, дење и ноќе, во сите временски услови, користејќи радарска наместо оптичка технологија, што овозможува „гледање“ низ облаци, чад, дожд и темнина – способности што се сметаат за клучни за современите разузнавачки, надзорни и извидувачки операции (ИСР).

Од „Рајнметал“ наведоа дека системот ќе се управува од Германија, со што ќе се зајакнат националните ИСР-капацитети и ќе се подобри свесноста за ситуацијата, во согласност со стратегијата на компанијата за проширување во сè подигитализираното и поврзано борбено опкружување.

„Нашето партнерство со 'САТИМ' претставува уште една важна пресвртница во унапредувањето на стратегијата на ‘Рајнметал’“, изјави извршниот директор на „Рајнметал електроникс“, Тимо Хас.

Извршниот директор на „САТИМ“, Јачек Стшелчик, го опиша договорот како спој на иновативноста на стартап-компанија и оперативното искуство на глобален одбранбен гигант, додавајќи дека партнерството е усогласено со разузнавачките потреби и националните безбедносни приоритети на Германија.

Програмата ќе му обезбеди на Бундесверот ексклузивен пристап до радарска сателитска констелација, со поддршка за источното крило на НАТО и за 45. оклопна бригада на Германија, стационирана во Литванија.

Производството на првите сателити се очекува да започне во третиот квартал од 2026 година во објектот на „Рајнметал“ во Нојс, Германија, а планирано е оперативниот период да трае до 2030 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.